Бугарскиот претседател Румен Радев во прв коментар по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова која предизвика реакции поради изоставувањето на македонското знаме на нивната заедичка фотографија во петокот во Софија, нагласува дека нејзината посета не била ниту официјална, ниту работна.
Како што пренесува бугарската информативна агенција „Фокус“, Радев порачал дека со претседателот на Република Северна Македонија имале многу искрен и конструктивен разговор во пријателска атмосфера.
– Очекувам оваа искажана желба за отвореност да ја преземе Владата на РСМ, но нека биде јасно дека ова не беше ниту државна, ниту работна посета. Се надевам дека во блиска иднина претседателот на Република Северна Македонија ќе оствари државна посета, која со сите официјални средби согласно протоколот ќе придонесе и за натамошен развој на нашите односи. Ако го следиме протоколот, на ред е јас да одам таму, изјавил претседателот Радев.
Средбата, дополнил Радев, беше многу конструктивна и во пријателски дух. – Ова е навистина добар почеток за целосно да и помогнеме на Република Северна Македонија, навел Радев.
Димитар Стојанов, советник на претседателот Радев и поранешен министер, пак за БНТ изјавил дека „посетата на претседателот на Република Северна Македонија била по повод културен настан и не била ниту државна ниту работна. – Поради тоа македонското знаме не беше ставено во салата бидејќи за вакви посети не е потребно строго почитување на државниот протокол, изјавил Стојанов.
DNES.BG. пренесува дека Стојанов посочил оти средбата меѓу Радев и Сиљановска – Давкова била исклучително конструктивна и со добар тон. Договорени се идни државни посети на РСМ и Бугарија, што според Стојанов, е чекор напред во дијалогот меѓу двете земји.
Тој рекол дека не би сакал да зборува за провокација во случајов, во ситуација кога се бара чекор напред во развојот на односи. – Не е коректно да се мешаме со знамиња во оваа ситуација. Ако државник од соседната земја доаѓа да пие кафе во Бугарија, дали треба да ставиме знамиња. Непотребно влошување на ситуацијата, рекол Стојанов.
Заради фотографирањето пред бугарското знаме на Радев и Сиљановска Давкова на средбата во Софија, на бугарскиот амбасадор во земјава Желјаско Радуков, денеска ќе му биде врачена протестна нота, според извори од МНР, од директорот на Директоратот одговорен за регионот, а не од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
За овој настан, според извори од МНР, не било реагирано директно на средбата во Софија, бидејќи, велат, постојат протоколи за да се реагира за овој тип на ситуација. Велат дека пред самата средба на шефовите на државите бил јасно утврден протоколот и прашањето на коешто МНР ќе побара одговор е зошто бугарската страна отстапила од претходно утврдениот протокол. Изворите додаваат дека македонското знаме било истакнато на работниот ручек кој претходел на средбата меѓу претседателка Сиљановска Давкова и бугарскиот претседател Радев во Софија.
Извори од МНР велат дека сепак е конструктивно што е остварена средба меѓу претседателите на Северна Македонија и на Бугарија. Дополнуваат и дека на работниот ручек не било отворено прашањето за предлогот на државава за уставни измени со одложено дејство. Велат дека за тоа ќе се разговара откако во Бугарија ќе се избере политичка влада.