Интересен е моментот со продуктивноста на нашите работници во земјава и во странство. Работодавачите треба еднаш засекогаш да разберат дека работниците кај нас се вложуваат толку колку што се платени, истите тие надвор од земјава за далеку повисоки плати работат далеку повеќе, вели во најновото издание на емисијата Стадион на Канал 77, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов.
- Работодавачите треба да сфатат дека колку сме платени толку сме продуктивни. Сметам дека во Македонија работодавачите за 22.567 денари можат да очекуваат толку голема продуктивност колку што издвојуваат од нивниот капитал, вели Трендафилов.
Истакнува дека поразителен е фактот за тоа колкав дел од вкупно остварениот профит оди за плати на работниците а колкав дел од колачот останува за работодавачот.
- Во Европската Унија соодносот на плата со капиталот кој останува потоа за газдите е некаде 60-70 проценти за плата и 30-40 проценти за газдата. Додека Македонија е земја во која се одвојува само 10-15 проценти за плати на работниците, а се останато останува за газдите за да можат да се луксузираат и да си го овозможат сето она што работниците можат само да го сонуваат, нагласува Трендафилов.
Додава дека уште еден поразителен податок во земјава е оној кој покажува дека 250 милиони евра на годишно ниво се краде од домашниот буџет врз основа на неуплаќање на придинеси или т.н сива економија.
- На газдите во Македонија не им е проблем да ги платат работниците повисоки плати, само ги плаќаат во плико. 250 милиони евра се пари кои доколку се слеат во буџетот ќе немаше никаков проблем за растот на платите, растот на пензиите и слично, истакнува Трендафилов.
Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, гостин во најновото издание на “Стадион” на Канал 77. За реалната висина на синдикалната кошничка, методологијата на нејзино креирање, минималната плата во државата, работничките права и многу повеќе гледајте на линкот во продолжение: