Вкупно 80 општини аплицираа на јавниот повик на Владата за добивање средства за реализација на инфраструктурни проекти во општините ширум земјава со пари од државниот Буџет. Поднесени се 357 апликации што значи дека секоја општина аплицирала со повеќе проекти – соопшти денеска на прес конференција министерот за локална самоуправа Златко Перински.
„Нашите очекувања во целост се исполнија. Во оваа прва фаза општините ќе ги подржиме со близу 100 милиони евра, а веќе од следната година ќе бидат достапни нови 250 милиони евра за кога е планиран и нов повик. Сега се на ред ресорните министерства. Во рок од 10 дена целосната проектна документација од страна на општината треба да се достави до ресорното министерство од областа на проектот, кое ќе врши евалуација на проектот. Се очекува евалуацијата да заврши во рок не подолг од 10 дена по што ресорните министерства треба да изготват предлог-одлука кои проекти ќе се финансираат од нивната област и да ја достават на усвојување на владина седница“, рече Перински.
Нагласи дека очекува до крајот на месецов да заврши целокупната процедура и да се знае кои проекти ќе се финансираат со државните пари.
Прецизира дека на јавниот повик се добиени шаренолики апликациски формулари и има проекти од областа на подобрување и реконструкција на водоводни мрежи, канализациски системи, патна инфраструктура, набавка на транспортни средства…
Прашан дали ќе бидат одбиени проектите на општините со кои се бара набавка на противпожарни возила и возила за јавен превоз, Перински рече дека евалуацијата ќе се прави од страна на ресорните министерства и нивните комисии ќе треба да го кажат конечниот збор.
-Основната цел на јавниот повик беше подобрување на инфраструктурата во оние делови каде локалните самоуправи немаат услови или можност да интервенираат. Сметам дека не е основна цел на овој јавен повик Владата да набавува основни средства за јавните комунални претпријатија, туку да се подобри инфраструктурата во рамките на општините, посочи Перински.