Бугарските медиуми од „различни извори“ информираат за првата посета на претседателката Гордана Силјановска Давкова на Бугарија. Во петок македонската претседателка ќе присуствува на гостувањето на Националната опера и балет на Македонија, Софија со изведбата на операта „Набуко“ од Џузепе Верди.
НОВА ТВ пишува дека според информации од различни извори, тогаш ќе се одржи првата средба меѓу Сиљановска Давкова и шефот на бугарската држава Румен Радев.
„Засега нема официјална потврда за средба од кабинетот на двајцата претседатели“, објавува НОВА.
На официјалниот сајт на бугарскиот претседател Радев нема информации за петочната средба. Во календарот за 13 септември нема најава на ниту еден настан или средба.
Информацијата за посетата на Бугарија вчера ја потврди шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, кој заедно со министерот за култура Зоран Љутков ќе биде дел од делегацијата.
„Ова е посета која има за цел зајакнување на меѓусебните односи, користејќи ја културната дипломатија како алатка за подобро разбирање меѓу двете земји во време кога има непотребни тензии во билатералните односи. Мораме да најдеме начин за нормализирање бидејќи тоа е во интерес на трговија и економија, како и политичка соработка“, рече Муцунски.
Радев и Сиљановска Давкова во мај, во исто време беа во Рим, Италија на одбележувањето на Светите Кирил и Методи, но таму не се сретнаа поради, како што беше соопштено, неможноста да се усогласат агендите.
Во јули, потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова го дефинираше како непродуктивен и несериозен начинот на кој Македонија неодамна води „дијалог“ со Бугарија.
Повод за нејзиниот коментар беше изјавата на македонската претседателка, дека Договорот за пријателство и добрососедство не вклучува измени на Уставот на земјата.
„Не сакам да верувам дека нашите соседи го менуваат курсот за вистинско членство во Европската Унија. Препорачувам внимателно да се прочитаат документите на ЕУ, одлуките на Советот, врз основа на францускиот предлог, кој долго време е официјална одлука на Европската унија, резолуциите на Европскиот парламент, во кои јасно се споменува значењето на Договорот за добрососедство и Договорот од Преспа, кои се елемент на преговарачкиот процес, изјави тогаш потпретседателката Јотова.