„Сакале да нѐ приведат, сме узурпирале место. Или ќе нѐ приведат сите, или ниту еден. Ова на вирално видео го кажува присутен на инцидентот во неделата во гостиварското село Галате, каде група жители со механизација биле попречени од полицијата во расчистувањето на селската црква. Понатаму во видеото се гледа како група од десетина полицајци се расправа со насобраните граѓани, кои одбиваат да го напуштат местото.
Од Основното јавно обвинителство Гостивар соопштија дека јавен обвинител нема издадено наредба за приведување или задржување на ниту едно лице.
„Основното јавно обвинителство Гостивар е известено дека МВР постапува во конкретниот случај по поднесена пријава од Општина Врапчиште за недозволено вршење градежни работи во непосредна близина на магистрален пат. Работите се прекинати, а по насоки на јавен обвинител денеска полициски екипи ќе извршат увид на лице место со цел да се утврди каков е статусот на објектот и работите кои се извршувале, како и дали во целиот настан воопшто има елементи на кривично дело“, стои во соопштението на ЈОРМ.