Во најновото издание на „Стадион“ на Канал 77 гостува Милан Талевски, македонски стопанственик и политичар, првиот градоначалник на град Скопје по осамостојувањето на Македонија, од 1991 до 1993 година, кој говори за референдумот и моментите на осамостојувањето на Македонија, која како самостојна држава веќе утре на 8 септември ќе прослави 33 години независност.
Според Талевски, граѓаните сè повеќе го губат чувството за државата, а тоа е така поради погубните реформи и низата на политикански договори и преговори. Како што вели тој, за жал, овој државен празник ќе биде само уште еден продолжен викенд за граѓаните.
- Македонија и денес јас чувствувам како држава за која што сме се бореле некогаш, но таа денес е идентитетски дерогирана, почнувајќи со името, па завршувајќи се до јазикот и низата преговори и договори. Додека соседните држави вистински ги чествуваат деновите на независност, по 33 години, македонските граѓани ја неутрализираа важноста на вековната идеја за создавање на самостојна и независна држава. На почетокот кога почнавме да ја пишуваме историјата на македонската држава бевме горди Македонци, но денес ова чувство исчезнува! Некогаш денот на независноста беше весел ден за секој граѓанин, го празнувавме со срце и душа, државен празник во вистинска смисла на зборот, а денес само обичен неработен ден, вели Талевски.
„Стадион“ се емитува во живо и може да го проследите на линкот подолу: