Синдикатот за образование, наука и култура на Словенија (Свиз) на почетокот на учебната година предупреди на неодржливата состојба во градинките и училиштата. Голем дел од наставниците и воспитувачите се несоодветни. Од Свиз посочуваат дека клучното решение е доволно и стабилно финансирање на образованието, а платите на вработените да бидат соодветно вреднувани.
Состојбата во училиштата е многу лоша. Преведувачка која нема наставничка квалификација и нема стручен испит се пријавила за работа како професор по странски јазик. Но, и покрај тоа, во училиштето каде била ангажирана, останала само четири дена, бидејќи таа добила понуди од две други училишта.
Ова не е само еден редок случај, туку реалноста во словенечките училишта. Претседателката на синдикалната конференција на училиштата за деца со посебни потреби, Јелка Хорват, рече дека само 40 отсто од персоналот во установите за социјална заштита кои се со посебна образовна програма се соодветни. Слична е приказната и во основните училишта, рече претседателот на оваа синдикална конференција Душан Немец.
„Недостигот од наставници во Словенија не е само алармантен сигнал за нашиот образовен систем, туку и сериозна закана за иднината на нашите деца, кажа Немец.
Тој додаде дека директорите си крадат наставници меѓу себе.
„Тоа што во паралелките има наставници кои не се наставници е симптом кој укажува на суштината на проблемот, додава генералниот секретар на Свиз, Бранимир Штрукељ.
Со Законот за организација и финансирање на образованието и обуката (Зофви) кој беше изменет минатата година, а кој се ревидира, се овозможи ангажирање на кадар без соодветно педагошко образование и стручни испити на одредено време. Штрукељ нагласи дека ќе инсистираат да ангажираат соодветни кадри само на неопределено време.
„Тука не треба да правиме компромиси. Не секој кој има пет минути слободно време може да предава. Ако се согласиме со ова, изгубивме се’. Но, знаеме дека нема соодветни учители. Зошто математичарот би отишол да предава на училиште ако компанија му понуди три пати поголема плата? Што е со хемичарите или физичарите, информатичарите или инженерите по стручни предмети во средните училишта?“, прашува Миха Гартнер, претседател на синдикалната конференција на средните и високите училишта и студентските домови. Тој рече дека проблемот е платата.
„Почетната плата е илјада евра без хранарина и патни трошоци – за некој што се школувал 18 години. Тој претпочита да работи во пошта или продавница. Дали ги сакаме само оние кои останаа и на кои ова им е последната шанса? Дали родителите го сакаат тоа?“, вели Гартнер.
Штрукељ вели проблем се платите. На прашањето со каква плата би биле задоволни наставниците, тој одговори дека професијата е девалвирана.
„Политиката на девалвација на платите потврдува дека образованието во оваа држава не е важно. Платата мора да биде таква што да ја изразува важноста и улогата на наставничката професија која учествува во подобрата иднина на секоја земја. Некои земји го разбираат ова, но не и нашата“, смета Штрукељ.
Според проценките на директорите, недостигаат најмалку 4.000 наставници, а најголем дел од слободните работни места во агенцијата за вработување се само на одреден временски период.
Во Словенија има постојано отворени огласи за наставници, кои не се пополнуваат. Лани и годинава најмногу објавени слободни места имало во образованието. Во моментов има многу повеќе слободни места отколку ученици во институцијата, но директорите се загрижени, затоа што речиси никој не се пријавува на огласите.
Директорите веќе извесно време предупредуваат дека веќе немаат кого да изберат за работата наставник.
Извор: Дело