Нефункционирањето на градинките во Струга го промени секојдневието на семејствата чии деца се запишани таму. Недостигот на кадар доведе до тоа во објектите „Пеперутка“ и „Сонце“ да не се примаат групите од јасли, а децата од поголемите групи може да останат во градинка само до пладне. Родителите се снаоѓаат како знаат и умеат – некои земаат денови од одмор, други ги носат децата со себе на работното место.
Револтот расте, па родителите заедно со своите деца пред два дена протестираа пред локалната самоуправа барајќи решение за проблемот. Тој од пред една недела се глорифицираше, бидејќи претходно децата од „Пеперутка“ се примаа во „Сонце“ во текот на јули и август, но од почетокот на месецов веќе ја нема ниту таа опција.
Едно од децата кои изминатите два месеца биле згрижени во „Сонце“, а сега немаат можност да одат во градинка е и синчето на Кристина Марскоска.
Таа вели дека градинката кубури со кадар, а ако се примаат сите деца таму, значи дека една воспитувачка би требало да се грижи за шеесетина малечки, што во пракса е неизводливо.
„Имам дете од една ипол година и тоа е меѓу тие кои не се примени, бидејќи оди во јасли. Јас имам среќа да работам од дома, но и тоа е тешко со мало дете. Се организираме со баби, со комшивки понекогаш. Детето воопшто не е примено за престој, нема вработени. Уплатниците ги даваат на крај на месец, претпоставувам ќе платиме бидејќи за претходните месеци плаќавме. Кај мене е добра околност тоа што имам флексибилна менаџерка, која има разбирање. Па така гледам гледам дел од обврските да ги завршам кога малиот спие или кога ќе дојде сопругот. Но искрено, не знам до кога би се снаоѓале вака“, вели Маркоска која е една од засегнатите родители.
Мерко се оградува, родителите чекаат одговор од надлежното Министерство
Дел од нив биле примени на средба кај градоначалникот Рамис Мерко, кој се оградил од надлежност за проблемот. Тој само најави дека ќе распише конкурс за нов директор на градинката „Осми март“, бидејќи таму повеќе од месец месец не седи никој во директорската фотелја.
„Претходно ги решавав работите со втор мандат в.д. директор. За тоа добив кривични пријави, немам морално и правно право да ја назначам по втор пат истата директорка за в.д. За негователките кои немаат договор нека се грижи Министерството за труд и социјална политика, градинките се под нивна надлежност“, порача Мерко по средбата.
Сепак, институција со такво име веќе не ни постои, откако со формирањето на новата Влада дојде до реорганизација на министерствата. Прашањето за згрижувањето на децата во градинките е под надлежност на новото Министерство за социјална политика, демографија и млади, до каде родителите се обратиле по електронски пат, но како што вели нашата соговорничка, одговор сѐ уште нема.
„Се договоривме како родители да почекаме до крај на неделата, евентуално до почеток на следната недела. Ако не, ќе мора да организираме нешто друго, но и одењето до Скопје со мали дечиња е тешко во моментот. Не би сакале да реагираме секаде каде то е потребно, но и на протестот во Струга не можевме сите да присуствуваме“, додава Маркоска.
Таа потсетува дека проблемот почна уште на почетокот на годината.
„Во јануари ја затворија „Пеперутка“ со можност да ги носиме во „Сонце“. Немавме конкретна информација за што се работи, но претпоставувам дека има кратење на буџетите за вработените со договор на дело
-Тогаш моето дете сѐ уште беше на адаптација, а во „Сонце“ не примаа на адаптација. Значи некои деца беа примени, а некои не. Потоа вработените протестира и децата се вратија во градинка во втората недела од февруари – потенцира Маркоска.
И покрај протестот, воспитувачките и негувателките од струшките градинки не добија решавање на работниот статус. Тие продолжија да работат со договор на дело за месечен надомест од 10 односно од 15.000 денари.
Приоритет е квалитетното образование: За проблемот се огласија и од надлежното Министерството
Дека градинката „Осми март“ има намален капацитет од крајот на јули, утврдиле и инспекторите од Одделението за инспекциски надзор за заштита на децата при Министерството за социјална политика, демографија и млади. Тие веќе излегле на терен за да направат вонреден инспекциски надзор, за што ресорното Министерството информираше денеска преку писмено соопштение.
Од таму велат дека вработувањата на стручен кадар во градинката е оневозможен бидејќи струшкиот градоначалник не именувал директор.
-Министерството изврши надзор над работата на органите на Општината односно градоначалникот на О. Струга чија законска обврска е именување на вршител на должноста директор односно именување на директор на предучилишната установа. Му беше дадено укажување веднаш да постапи согласно неговите ингеренции од областа заштита на децата бидејќи со настаната состојба е оневозможено тековното функционирање на предучилишната установа – велат од ресорното Министерство.
-Со самото тоа што нема овластено лице во правното лице (јавната установа) односно директор, нема можност за вработување на кадар по ниту еден основ – наведуваат од институцијата во денешното соопштение.
Согласно одредбите за заштита на децата, единствен надлежен за именување директор е градоначалникот односно општината како основач на предучилишната установа, велат од Министерството додавајќид ека приоритет на министерот Фатмир Лимани е обезбедување квалитетно предучилишно воспитание и образование, согласно законите.
В. Ми