Научниците потврдија дека летото 2024 ги собори глобалните рекорди за топлина втора последователна година, со што 2024 веројатно ќе биде најтоплата година во историјата. Податоците од Коперникус, европска служба за климатски промени, покажуваат од јуни до август е најтоплиот период од почетокот на евиденцијата на температурните промени од 1940 година.
Северното метеоролошко лето – јуни, јули и август – во просек изнесувало 16,8 степени Целзиусови , според Коперникус. Тоа е за 0,03 степени Целзиусови потопло од стариот рекорд во 2023 година.
Записите на Коперникус датираат од 1940 година, но американските, британските и јапонските записи, кои започнаа во средината на 19 век, покажуваат дека последната деценија била најжешката откако се прават редовни мерења.
Август2024 и август 2023 година беа прогласени за најтоплите месеци август на глобално ниво со 16,82 степени Целзиусови во просек. Бидејќи јуни 2024 година беше многу потопол од јуни 2023 година, ова лето во целина беше најжешко и покрај тоа што јули за малку не го достигна ланскиот рекорд, рече директорот на Коперникус, Карло Буонтемпо.
Со прогнозираната Ла Нина – привремено природно заладување на делови од централниот Пацифик – последните четири месеци од годината можеби повеќе нема да бидат рекордери како поголемиот дел од изминатата година и половина. Но, веројатно нема да е доволно свежо за да спречи 2024 година да го собори годишниот рекорд, смета Буонтемпо.