Одгледувањето тутун во Македонија има долга традиција, па затоа не е чудно што го нарекуваме жолто злато. Нашиот тутун е состојка во многу светски брендови на цигари, а некои од нив се произведуваат и кај нас.
Во Македонија царува и трговијата со тутун, а тоа го потврдува анализата што ја направи Пари во соработка со Бизнис мрежа. Според податоците коишто се однесуваат на дејноста со шифра 46.35, т.е. трговија на големо со производи од тутун, десетте бизнис-лидери во овој сектор лани оствариле заеднички приход од 402,6 милиони евра, вкупен профит од 15,2 милиони евра, а сето тоа е изведено со 1.016 вработени. На списокот се и фирми што тргуваат и со многу други производи, но повеќе од половина од приходот им доаѓа од продажба на цигари, па токму затоа тука е Пекабеско.
ЕКСПАНДА РАБОТИ СЀ И СЕШТО, АМА ЦИГАРИТЕ Ѝ СЕ „КОЊАК“
Со 8.037.643.203 денари (130,6 милиони евра) на самиот врв е Друштвото за производство, промет и услуги Експанда ДООЕЛ увоз-извоз Скопје.
Експанда во 2014 година потпишала договор за заеднички вложувања со Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп, но покрај цигари, компанијата дистрибуира и производи на телекомуникациската А1, а има договор и со Ред бул, како и со Државната лотарија. Од 2022 година започна соработка и со Олеум, производител на маслиново масло.
На второ место е Пекабеско, каде што освен квалитетните сувомесни производи, успешно се води и работата со дистрибуција и продажба на цигари, што на Друштвото за трговија, производство, услуги, шпедиција, увоз-извоз му обезбедило 5.540.269.400 денари (90 милиони евра) на приходната страна.
Обично, асоцијација за цигари во Македонија е Филип Морис или Тутунскиот комбинат во Прилеп. Сепак, друштвото за производство и трговија со тутунски производи Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп е на третото место со минатогодишниот приход од 3.198.551.400 денари (52 милиони евра).
Извор: Бизнис Мрежа
Со промет од над 50 милиони евра е само уште една фирма. Станува збор за Друштвото за посредување, трговија и услуги ТДР Скопје ДООЕЛ, кое лани имало приход од 3.112.625.860 денари (50,6 милиони евра).
Понатаму износите се намалуваат, а најнискиот обезбеден прилив од трговијата на големо со производи од тутун е во износ од над 246 илјади евра, кој на Евапифај ДООЕЛ Скопје ‒ друштво за увоз и дистрибуција на електронски цигари и вејп за еднократна употреба, му обезбеди место меѓу топ десетте компании со највисоки приходи во оваа дејност.
ДОБИВКАТА НЕ ЗАВИСИ СЕКОГАШ ОД ПРИЛИВИТЕ
Значителна предност пред другите со остварениот профит од ланското работење има Филип Морис. Сумата е 585.078.721 денар или 9,5 милиони евра. Овој пример покажува дека приходите имаат голема улога во создавањето на добивката, но не се пресудни.
Пекабеско уште еднаш е на втората позиција. Во графата за добивка е запишан износ од 145.997.759 денари (2,3 милиони евра).
Извор: Бизнис Мрежа
Само уште две компании имаат годишен ќар поголем од еден милион евра. Битолското Друштво за преработка на тутун Сокотаб ДООЕЛ со 102.704.948 денари (1,6 милиони евра) е треторангирано, а беше на шестото место според приходи. А, пак, првиот од претходната табела, Експанда, тука е четврт, со 83.121.505 денари (1,3 милиони евра).
Позиционираните од петтото до десеттото место имаат добивки што се движат од 248 илјади евра па надолу, до нешто повеќе од шест илјади евра.
Инаку, од аспект на локациите на фирмите што котираат на овие листи, Скопје е центарот на оваа дејност.
ДЕСЕТ ФИРМИ АНГАЖИРААТ 1.016 ВРАБОТЕНИ
Кога се зборува дека доброто работење на компаниите е од огромна важност за националната и за локалните економии, тоа подразбира и можности за отворање работни места. Овие фирми од трговијата со тутунски производи, според минатогодишната состојба, ангажираат вкупно 1.016 лица. Во просек, секоја од нив има нешто помалку од 102 вработени.
Во ова рангирање, по двете втори места, Пекабеско е на чело од табелата. Има 424 вработени. Го следат Сокотаб со 255 и Експанда со 169 работници.
Со нив завршуваат фирмите што во своите редови имаат повеќе од 100 вработени. Низата продолжува со скопското Друштво за промет на големо и мало Прима.мк ДОО експорт-импорт, каде што лебот го вадат 72 лица. Едно место подолу, со 45 вработени, е Филип Морис. Останатите бројат од 3 до 18 работници.
Извор: Бизнис Мрежа
Ако останат пушачките навики на македонските граѓани, фирмите од оваа дејност и натаму ќе бележат солидни резултати. Пушачите можеби ќе коментираат за секоја следна промена на цените, но, како и досега, тоа нема многу да се почувствува. Последното зголемување се случи на први јануари годинава, а на тој датум ќе поскапуваат цигарите, пурите, несогорливите тутунски производи и течноста за електронски цигари сѐ до 2030 година. Тоа произлезе од ланските измени на Законот за акцизите, што за државната каса ќе значи дополнителен приход од околу 13 милиони евра годишно.
Текстот го подготви редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска