Познатата шведска климатска активистка Грета Тунберг утрово беше приведена на про-палестински студентски протест во главниот град на Данска, пренесува Политико.
Данската полиција соопшти дека дваесетина демонстранти се собрале пред Универзитетот во Копенхаген и дека шестмина од нив биле уапсени.
„Полицијата беше викната. Таа насилно влезе во зградата. Во моментот ги разбркуваат сите студенти. Некои се приведени и ги носат во станица токму во овој момент“, рече Тунберг во видео на својот Инстаграм профил.
Полицијата го нема потврдено идентитетот на ниеден од приведените, но портпаролот на „Студенти против окупацијата“, организацијата зад протестот, изјави за Ројтерс дека Тунберг била меѓу уапсените.
Во сликата на Тунберг објавена од весникот „Екстра Бладет“ се гледаат лисиците околу нејзините раце, како и традиционален арапски црно-бел шал околу нејзините раменици.
„Студенти против окупацијата“ на Инстаграм соопшти дека „додека ситуацијата во Палестина само се влошува, Универзитетот во Копенхаген ја продолжува соработката со академските институции во Израел. Ја окупираме централната администрација на универзитетот бидејќи имаме едно барање: академски бојкот“.