Многу настапи во Македонија, но ниту еден од нив во Охрид. Регионалната музичка ѕвезда, Јелена Томашевиќ викендов за првпат имаше настап во балканскиот Ерусалим каде на сцената на Долни Сарај ѝ беше врачена наградата за Песна на сите времиња. Наградата ѝ ја додели организаторот на Охрид фест кој изминатиот викенд се одржа по триесет и први пат. Јелена беше наградена за песната „Јутро“ која своевремено ѝ го донесе второто место на манифестацијата Евро песна, со која Србија и Црна Гора бираа заеднички претставник за Евровизија.
ММС тоа го искористи како повод за разговор, па таа даде осврт не само на кариерните достигнувања, туку и на љубовта и семејството.
Јелена, често доаѓаш во Македонија, па што највеќе ти се допаѓа тука, што ти оставило најголем впечаток?
Па најголем печат за Македонија се луѓето, секако тие ја прават суштината на нашит концерти и дружби, но всушност Македонците се познати и по врвната храна. Мојот бенд едвај чека да дојде во Македонија, ем поради атмосферата која е многу убава и топла, но и секако поради храната која ја обожуваат. Со задоволство доаѓаме во Македонија, често сум овде. Со задоволство ја прифатив поканата на Охрид фест да се појавам и да ја примам наградата која навистина е многу убава, за песна на сите времиња за песната „Јутро“ која следната година полни дваесет години. Тоа е една голема чест за мене.
Речиси две децении како е создадена и отпеана оваа песна, а луѓето сѐ уште уживаат во неа. Но пред неколку месеци беше промовиран најновиот албум „Искрена“. Какви се досега реакциите на публиката? Патем, во едно интервју имаш изјавено дека секоја песна раскажува приказна, какви приказни всушност сакаш да пренесеш преку она што го пееш?
Секако новите песни се приказна за себе и јас сум тука како некој кој е интерпретатор и ги пренесувам туѓите приказни кои се напишани за мене. Понекогаш ми е дури и полесно да раскажам некоја туѓа приказна отколку својата. Секако одлични се реакциите и за новите песни, јас дури се појавувам како автор на текстот за песната „Нема те“ на новиот албум. Така што, кој не го слушнал досега, може да ги погледне и видео записите на мојот youtube канал и на сите дигитални платформи.
Те видовме на евровизиската сцена, а Србија веќе се вброи меѓу победниците на оваа музичка манифестација. Дали имаш тенденција повторно да ја претставуваш својата земја на Евровизија, па можеби и да ја направиш нов победник?
За сега навистина немам желба повторно да се натпреварувам, но ако има некогаш некоја соодветна песна и доколку се чувствувам поразлично, јас со задоволство би отишла. Но за сега навистина ги немам тие желби. Секако Евровизија многу ми значеше во животот и тоа е за некој кој е на почеток, па допрва ја гради својата кариера. Тоа е од исклучително значење, а публиката која ја следи е милионска.
Откако заврши Евровизија мене ми се отворија многу врати, јас ја снимав песната „Оро“ на шпански, португалски и грчки јазик, па потоа и настапив во тие земји токму благодарение на оваа песна. Тоа се преубави спомени.
Покрај твоите, македонската публика ужива и во настапите на твојот сопруг, Иван Босиљчиќ. Дали ти годи дека е миленик на женската публика?
Да, мене ме импонира тоа што Иван е сакан уметник, како од жените, така и од мажите. Нема да верувате, но сѐ повеќе мажи доаѓаат на неговите концерти, на неговите музичко-поетски вечери и си заминуваат воодушевени. Тоа број се зголемува сѐ повеќе со секој концерт. Така што мислам дека е прекрасно тоа што се рушат предрасудите и горда сум на него, да.
Како функционираат во брак двајца поеднакво успешни партнери, има ли „формула“?
Јас не знам кој е рецептот, само знам дека има многу љубов. Мислам дека тоа е на прво место како нешто најважно, а потоа да имаме барем слични погледи на животот, што фала Богу го имаме. Мислам дека тоа за секоја врска е пресудно за таа да може да опстане, независно дали е пријателска или деловна, љубовна… Мора да имаме слични погледи во врска со животот и со иднината. Така што мислам дека разговорот е она што ја прави добра една врска, освен љубовта секако која е на прво место. Да постои добра комуникација.
Какви афинитети има вашата ќерка во однос на уметноста? Дали повеќе ја интересира глума или музика?
Таа заврши петто оделение нижо музичко училиште, свири клавир. Исклучително е музикална, но не сака да се занимава многу со пеење. Така што ние не ја форсираме, а ако го посака тоа некогаш во животот ќе ја има целата наша поддршка. Но со што и да сака да се занимава во животот, што и да е нејзиниот избор јас ќе ја поддржам.
Вања Мицевска