Институциите да им овозможат на учениците да го остварат правото на бесплатен превоз – ова преку писмено соопштение денеска го побара Сојузот на средношколци. Сојузот истовремено потсетува ека процесот за обезбедување бесплатен и праведен јавен превоз за сите средношколци во Македонија почна во 2021 година.
Во јуни 2023 година, поранешниот претседател на Сојузот, Лука Павиќевиќ поднесе иницијатива за оценување на уставноста на делови од Законот на средното образование до Уставниот суд. Истата година во декември, Сојузот ја оствари својата цел, со тоа што Уставниот суд донесе одлука дека различен третман на учениците од средното образование во однос на стекнувањето на правото за користење на бесплатен превоз е спротивно на член 9 став 2 и член 44 став 2 од Уставот.
Два месеци по одлуката на Уставниот суд, со почетокот на учебна година, ЈСП информираше дека сите ученици од средните училишта ќе добијат бесплатни билети освен тие од приватните.
-Министерството за образование и наука исто така се оградува од одговорност и вели дека од државниот буџет се издвојуваат средства само за јавното образование – реагираат средношколците.
Додека институциите меѓусебно си ја префрлаат одговорноста, одлука на Уставниот суд на државата не се почитува. Токму затоа, Сојузот на средношколци ги повикува МОН, Град Скопје и ЈСП да го почитуваат Уставот и да ја спроведат одлуката на Уставниот суд – се додава во денешното соопштение.