За некои стимулативно, за некои анксиозно. Почнувањето на новата учебна година различно влијае врз учениците, но важно е и родителите и наставниците да им остават простор на децата за прилагодување. Ова во интервју за ММС го истакнува Сања Јовановска, семеен и системски психотерапевт и ОЛИ советник.
Со неа разговараме по повод почетокот на новата учебна година, кој како што вели Јовановска, може да биде стресен и за родителите, но токму семејната атмосфера е еден од клучните фактори кои може да ја поттикнат детската мотивација и самодоверба.
Денес почнува новата учебна година, а со тоа и учениците излегуваат од нивната досегашна рутина. Секојдневието кое досега беше исполнето со слободно време сега веќе ќе биде заменето со обврски во училишните клупи кои продолжуваат и дома. Како сето ова може да се одрази врз менталното здравје на децата и дали повторното тргнување на училиште е стресно за нив?
-Перидот којшто децата го поминуваат на училиште е еден од најубавите периоди за нив. Истиот е забавен, исполнет со дружба, но и со многу разновидни активности. Но, колку училиштето може да биде забавно, исполнето со новини исто така може да предизвикува и стрес. Особено по летниот распуст каде како што веќе наведовте во прашањето, децата се навикнати на слободно време, станување кога сакаат, легнување подоцна, неструктурирано време и без секодјневни домашни задачи и по подолг распуст од нив се очекува да се прилагодат на распореди, училишни задачи и постигнување на училишни резултати.
За некои деца ова е стимулативно, возбудливо, но не можеме да генерализираме дека за сите е така. Кај голем дел од учениците може да се јават негативни емоции, анксиозност, загриженост, страв, стрес. Важно е да наидат на разбирање и од страна на семејството и од страна на наставниците со цел давање време и простор на овие ученици да се прилагодат иако тоа може да потрае и неколку недели во зависност од личните карактеристики на ученикот и нивото на стрес кој го доживува со враќање во училишните клупи. Но доколку детето чувствува висок интензитет на стрес и по неколку недели би требало да се посети училишен психолог или психотерапевт.
Може ли да ни објасните како тргнувањето на училиште влијае кај првачињата? Какви емоции може да предизвика ова кај нив и како родителите да им го објаснат процесот што ги чека?
-Тргнувањето во прво одделение и влијанието на почетокот на образованието кај првачињата може да се погледне од повеќе аспекти. Пред сѐ треба да се нагласи дека тргнувањето во прво одделение е развојна фаза низ која минува и детето и семејството. Тоа е транзитен период, а секој транзитен период е проследен со стрес кој е гледан како нормална развојна појава.
Како едно дете ќе реагира на ваквата транзиција зависи од повеќе сегменти. Пред сѐ би ја напоменала сепарационата анксиозност, односно стресот од одвојување од домот и родителите особено доколку детето првпат се одвојува, односно сепарацијата не била завршена на предшколска возраст. Во вакви ситуации може да се јави страв од одвојување, страв од непознато, несигурност, лутина, тага, отпор кон одење во училиште.
Тргнувањето на училиште и одвојувањето на детето од домот неретко е стрес и за родителите, особено за родителите на првородени деца кои тргнуваат во прво одделение, понатаму деца кои имаат развојни потешкотии, деца кои потешко се адаптираат на нови ситуации.
Неретко и родителите чувствуваат вознемиреност каде се бројат прашања од типот: како ќе го прифати училиштето, дали ќе му биде добро, дали ќе се вклопи во истото, дали ќе биде прифатено од другите деца и дали ќе ги прифати другите деца. И ваквата вознемиреност на родителите многу често се пренесува на децата несвесно, децата ги впиваат емоциите на своите родители, ги забележуваат и најмалите промени кај нив и доколку мама е вознемирена за моето тргнување во училиште значи таму нешто не е добро, не е сигурно, не е безбедно. Затоа е важно родителите да останат смирени, да веруваат во своето дете.
Она што исто така влијае врз начинот на прилагодување во училиште се и личните карактеристики на самото дете. Децата кои се резилиентни, екстровертни се очекува полесно да се адаптираат на новините што ги носи училиштето, побрзо да стекнат пријатели и слично, додека децата кои се поинтровертни можно да имаат период на адапатација во училиште кој ќе трае подолго. Важно е овој период на транзиција да започне позитивно за децата да добијат самодоверба која ќе ги следи понатаму.
Во однос на прашањето како родителите да ги подготват своите деца за тргнување во прво одделение пред сѐ би нагласила дека е особено важно родителите на предшколска возраст да разговараат со своите деца за поимот училиште, низ игра, низ приказна и на тој начин да се воведува детето во следната развојна фаза а тоа е училишната доба. На тој начин детето може да добие претстава за тоа што представува училиштето, што се случува таму, какви се обврските на детето кон училиштето, кои се придобивките од него. Кога децата знаат што ги очекува во блиска иднина полесно ги прифаќаат промените.
Некаде е олеснително за првачињата кои имаат повозрасни браќа или сестри кои веќе одат на училиште па детето многу порано, а најмалку година пред тргнување е запознаено со тоа што училиштето претставува. Особено е важно на дете пред тргнување во прво одделение, училиштето да му биде претставено во позитивен контекст и да се разговара за подобностите што ги нуди училиштето.
Дали целокупната семејна атмосфера е фактор кој влијае врз тоа како ученикот ќе гледа на образовниот процес? Каква е улогата на родителите во стекнувањето мотивација кај децата, но и во желбата за надградување и усовршување?
-Семејната атмосфера е важна за севкупниот развој на децата. Децата најдобро се развиваат во сигурна и безбедна средина, каде не се емоционално и мисловно оптоварени со грижи за себе или за некој од своите дома, туку се слободни за исполнување на задачите од својата развојна фаза, а во училишната развојна фаза тоа е учење и стекнување на знаења и животни вештини, другарување и игра. Сигурната и безбедната средина во семејството се директно поврзани и со мотивацијата за учење и постигнување.
Децата во процесот на учење постигнуваат успеси, но минуваат и низ грешки на кои не треба да се реагира премногу строго. Родителите во тие ситуации е важно да го разберат детето, да го согледаат неговиот потенцијал и да бидат трпеливи во процесот на учење. Вака се создава емоционално безбедна средина во која децата полесно учат. Од друга страна доколку се реагриа со критика кон детето и остро реагирање при правење грешки може да се предизвика страв кај детето и истото да биде демотивирано за учење.
И да, родителите имаат многу важна улога во стекнување на мотивација кај децата за постигнување и усовршување. Пред сѐ, како што веќе реков со обезбедување на сигурна и безбедна средина, потоа со ставот на родителите кон учењето и усовршувањето.
Па доколку учењето е ценето од страна на родителите и детето ќе го цени. Поради тоа важно да му се даде позитивен пример на детето со покажување на интерес кон учење и истражување од самите родители и активно да се вклучува и детето во тој процес. Пофалбата, исто така е позната како мотиватор и таа има големо влијание во развој на мотивација кај децата. Особено е важно пофалбата да биде насочена кон трудот кој го вложило детето за учење и завршување на некоја задача, не да биде насочена кон нивниот интелектуален потенцијал. Бидејќи со пофалба на трудот се развива кај детето чувство на контрола и свесност дека успехот зависи од нив самите и од вложениот труд. Доколку се фали потенцијалот на детето истото ќе очекува дека успехот доаѓа сам по себе, без труд и вложување напор. И кога детето ја согледува својата улога во остварување на успехот истото ќе работи на тоа да биде поуспешно.
Влијание на децата за мотивирање има и поставувањето цели кон кои ќе се стремат да ги исполнат, но истите да се соодветни на возраста и потенцијалите на детето.
Затоа родители, учете ги децата да поставуваат цели и тоа низ прашања: Што ним им е важно да постигнат, што би сакале да направат и насочувајте ги кон развој на стратегија за превземање на активности за исполнување на тие цели. Кога детето е насочено и има цел која треба да ја исполни е помотивирано за превземање на активности за исполнување на целта.
Колку е важно децата да имаат активности надвор од училишните клупи во смисла на тоа да посетуваат некаков курс, да тренираат спорт и слично?
-Вклучувањето на децата во воннаставни активности како што се: спорт, музика, уметност, јазици е од особена значајност за стекнување на дополнителни знаења и вештини, но важно е по училиште да имаат слободно време, време за игра, за стекнување на животни вештини како што се: вклопување во средината, социјализација, контрола на емоциите, развој на имагинација и креативност. Животните вештини се стекнуваат и низ учење, и структурирано поминато време, но најчесто тие кај децата се стекнуваат низ игра и тоа слободна игра неструктурирана. Низ играта децата се осознаваат себе си, обработуваат чувства и проблеми, тренираат внимание и концентрација. Кога децата играат неструктурирано и ненаметнато од страна на возрасните се независни и среќни, а тоа го поттикнува и одржува менталното здравје на децата.
За жал во денешно време сѐ почесто се среќава преокупирано дете, како да постои натпревар помеѓу родителите за запишување на децата на што повеќе воннаставни активности, без согледување на фактот дека децата можат да се најдат под притисок во извршување на сите тие активности.
Воннаставните активности играат важна улога во развојот на децата, но важно е да не бидат преоптоварени и да имаат слободно време.
Со развојот на социјалните мрежи, тргнувањето на училиште како да доби на помпезност. Персонализирани маички, торти, балони за учениците, а како држава паѓаме на тестирањата за знаењето на учениците. Без да осудуваме, може ли сепак да ни дадете еден ваш коментар околу оваа паралела – помпезноста наспроти слабите резултати?
-Тука би нагласила дека се работи за две засебни појави кои некаде можат да бидат поврзани. Пред сѐ сакам да напоменам дека тргнувањето на училиште е значаен момент и за децата и за родителите и славењето води кон позитивна атмосфера во која децата се чувствуваат убаво, важно радосно. Согледуваат дека тргнувањето во училиште е голем и среќен чекор, чекор за славење.
Вакви прослави од секогаш постоеле, се правел колач дома, или палачинки во чест на првачето, се одело на сладолед со родителите и тн. Она што славењето во денешно време го прави помпезно е пренагласувањето, што добива се повеќе на важност со постоење на социјалните мрежи. Повторно како некој натпревар помеѓу родителите, кој повеќе прославил и на поуникатен начин. Тоа е времето кое го живееме, каде трендовите многу лесно се пласираат меѓу нас и се прифатени иако неретко создаваат притисок и за семејствата и за поединците.
Од друга страна да дадам свој осврт и на намалените постигнувања кај децата и би нагласила дека резултатите на учениците зависат и од нивните лични карактеристики, нивните потенцијали и мотивација за успех. Но кога имаме ниски постигнувања кај учениците на општествено ниво тука веќе зборуваме за системски проблем на кој треба да се работи на повисоко ниво и да се направи здружување на сите учесници (МОН, училишта, наствен кадар, родители, деца) за подобрување на образованието на учениците.
Вања Мицевска