Министерот за спорт и поранешен ракометар, Борко Ристовски во Стадион откри детали за вчера промовираната иницијатива против рекламирањето на казина, кладилници и брзи пари од страна на врвни спортисти. Ристовски смета дека овој начин на рекламирање е законски, но како што оцени, морално и етички не е, а во спортот тоа е на највисоко ниво. При тоа, кажа дека разговарал со Горан Пандев, кој е една од нашите спортски икони, кој рекламира ваков бизнис.
-Имам разговарано со Пандев, човек кој е доста чесен и финансиски независен. И во тој разговор си кажа отворено: „Тие пари не беа за мене, тие пари не ми требаат. Тие пари беа за помош на клубот, јас бев само лицето“. Човекот знае дека направил грешка што го направ конкретниот чекор и се сложувам со тоа дека секој треба да има право да ги исправи грешките. Мислам дека треба да бидеме многу поодговорни и да не биде пресудно материјалното, рече Ристовски во „Стадион“.
Тој откри дека и нему му било понудено уште лани да бидам дел од кампања за казино.
Ми беше понудена солидна сума, договор на три години. Се’ е тоа ОК, но мене на крај памет не ми дојде да го прифатам тоа. Јас со промовирањето на казино, кладилница, што и да е… имам дете кое е 6 годни. Каков пример на своето дете ќе му дадам? Јас ќе бидам примерот што ќе промовирам кладилници и моето дете да ме гледа на ТВ како рекламирам кладилница. Тоа ли е поентата – да го рекламирам спортското име што сум го стекнал? Мислам дека треба да бидеме поодговорни, смета министерот Ристовски.
Тој најави дека ќе најде начин да ја укине оваа можност бидејќи, како што кажа, „врвните спортисти во општество не може да праќаат таква слика“.
В.К,