Со поглед на местото каде била урнатата куќа, во паркот во штипско Ново Село, беше откриен споменик на Тодор Александров. Откривањето на споменикот е на стогодишнината од убиството на Александров, на иницијатива на Патриотското здружение Мише Развигоров, а со одлука на Советот на општината Штип.
За Тодор Александров во учебниците се’ уште се учи дека е контроверзна личност, за која не може со сигурност да се кажа дека навистина се борел за Македонија. Градоначалникот на Штип Иван Јорданов, рече дека споменикот се поставува во неговото родно Ново Село, бидејќи е сигурен дека Александров се борел за идејата на независна и суверена Македонија.
-Доколку, а сум сигурен дека целта на неговото убиство пред сто години е да згасне идејата за независна и суверена Македонија, после сто години го подржуваме делото на Тодор Александров со поставување на спомен обележје, но и идејата за Македонија. Нека му е вечна славата и борбата за Македонија нека продолжи!, рече Јорданов на свеченоста.
За Александар Пандов од Патриотскиот институт на ВМРО ДПМНЕ, Александров е личност, коа е рамо до рамо до Гоце Делчев и им порача на тие историчари што го нарекуваат контроверзен да ги учат своите ученици „да се угледаат на неговото дело“.
-Срам е како Македонци што до сега не сме го направиле споменикот. Благодарност до градоначалникот Иван Јорданов што сега го имаме Тодор Александров тука во Ново Село, местото на неговото раѓање и гордост и голем ден е за секој Македонец, за секој патриот, за секој човек што си ја сака својата земја. Неговото дело е зборено и зборено. Тој е еден од најголемите војсководци што го родила Македонија, човек роден како Македонец и убиен поради Македонија. Ние како Македонци треба да се огледаме, да учиме од неговиот живот и нашите поколенија и следни генерации да ги учиме да ја почитуваат и ја чуваат Македонија и да го дадат живот, изјави Пандов.
Откривањето на споменикот на Тодор Александров следеше по години одбележување на денот на неговото погибие со панихида во црквата во Ново Село. Во двор на приватна куќа поставена е и плоча во чест на Александров.
Споменикот со постаментот е со висина од 3,70 метри, изграден од полимер, а автор е вајарот Далибор Николовски. Овој вајар е автор на уште еден споменик во Штип, тој на Светите Кирил и Методиј, поставен на кружниот тек кај Градскиот храм Свети Никола.
В.К.