„Разбирам дека секаде во светот има корупција, но во спортот скоро и да го достигна пикот“. Со овие зборови министерот за спорт Борко Ристовски во емисијата „Стадион“ ја опиша состојбата со давањето на спортски објекти под закуп. Се давало и државно земјиште за да се градат спортски објекти, но Ристовски затекнал поразителна ситуација, кога и по неколку години, објектот не е ни почнат. Поради тоа, министерот најави раскинување на договорите и одземање на доделеното државно земјиште.
-Навистина доста матни работи има од она што до сега успеав да го видам. Се давале објекти на 99 години, на 30 години… за смешни кирии на 400 – 500 евра! Смешни работи со кои е оштетен Буџет на РМ, спортот и младите. Ќе направам се’ како министер, а ингеренциите ни се доста проширени. Ќе ги земеме сите спортски објекти со одлука на Владата под Министерство за спорт и раскинување на штетни договори, рече Ристовски.
Министерот веќе разговарал со една спортска федерација за враќање на државниот имот – спортска сала и доделено државно земјиште и иницирано негово враќање.
-На федерацијата и е дадено државно земјиште и спортски објект на долготрајно користење и тоа трае веќе 5-6 години. Ништо не е инвестирано во тој спортски објект и затоа се договоривме џентлеменски со претседателот на таа федерација да се врати имотот. Тој имот вреди 2 до 3 милиони евра вреди и сега е повторно е сопственост на РМ, кажа Борко Ристовски.
Во програмата за инвестиции на Министерството за спорт, предвидени се повеќе реновирања и изградба на спортски објекти.
-Во најскоро време очекуваме да објавиме тендер за реновирање за спортската сала Расадник, тендер за изградба на нова атлетска стаза во Гевгелија, инвестирање за комплетна санација на спортската сала во Радовиш, изградба на сала во Воената академија за воените питомци, изградба на 15-20 спортски мултифункционална игралишта низ цела Македонија. За следната фискална година изградба на пет нови спортски сали, да почнеме со мултифункционален спортски центар во Гази Баба, спортска сала во Битола, најави Ристовски.
Министерот за спорт најавува дека ќе ги завршат почнатите работи, како што се затворените базени, иако како што рече не се согласува со начинот на кој се проектирани.
- Јас не можам да си дозволам како човек што функционира по принципи и правила во животот, тоа што е почнато да не е завршено – иако не се согласувам со планот на тие мали базен. Не се согласувам од позицијата што тие кои ги проектирале, бидејќи никој не размислувал за нивно одржување. Само месечните сметки за струја би достигнале и до 3 милиони денари. Тоа е високо ниво за една општина, не знам која општина кои ќе може да платат само за струја 3 милиони денари. Се плашам дека тие објекти ќе ја доживеат судбината на многу други спортски објекти, вели.
- РистовскиЕмисијата „Стадион“ е во тек и може да ја следите и на овој линк.