Фотографија од Америка стара 10 години беше споделувана како доказ дека е појава видена во Демир Капија – доказ дека од воздух со огнени топки се предизвикуваат шумски пожари. Виктор Мизо, претседателот на Советот на странски инвеститори и поранешен директор на ТИРЗ зоните, е пред серозен судски процес со Народна банка за изреченото во телевизиска емисија, откако открил како може да се заработат многу пари, гласи информацијата што под логото на телевизијата Канал 5, деновиве се споделува по социјалните медиуми. Оваа е една од сериите измами преку користење на имиња на јавни и познати личности. Во Топ дезинформации на неделата откриваме дали навистина францускиот претседател Макрон во Белград побара депонирање на нуклеарен отпад, а откриваме и како апсењето на основачот на Телеграф, Павел Дуров беше искористено за ширење дезинформации.
Пожарите, кои и натаму беснеат,беа инспирација за повеќе дезинформации, вклучително и вознемирувачката вест проследена со фотографија, според која, огнена топка од воздух се упатува кон шумите со цел да предизвика пожар.Ваква информација која бргу се рашири по социјалните мрежи беше објавена на Фејсбук, а потоа без никаква проверка пренесена од повеќе портали, каде се тврди дека ваков огнен балон е фотографиран над Демир Капија. Меѓутоа, при проверка на фотографијата, се утврди дека се работи за настан од Америка, додека фотографијата е стара 10 години. Станува збор за инцидент откако ваков балон удрил во далновод во Вирџинија во САД, при што загинале три лица.
Уредникот на Вистиномер, Владимир Петрески го објасни настанувањето на дезинформацијата и додаде дека е дел од една поширока теорија на заговор.
Оваа проверка и објавата дека се работи за дезинформација, сепак не го спречи натамошното ширење на вакви дезинформации. Во средата (28.08) на порталот Пробиштип инфо, од граѓанин беше споделенa фотографија, во кое со обележана светла точка пишува дека е пушен огнен балон од трибините на стадионот.
Злоупотребено името на Виктор Мизо
„Скандал изби за време на преносот во живо, кога Виктор Мизо случајно ја откри својата тајна во програмата. Многу гледачи обрнаа внимание на “случајните” зборови на Виктор Мизо и почнаа да испраќаат пораки во живо. Меѓутоа, емисијата беше прекината со повик од Банката на Македонија, која побара програмата веднаш да се запре“, стои во информацијата на сајт што изгледа и го има логото на националната Канал 5 телевизија. Меѓутоа, кога ќе се прочита содржината е уште еден од неколку десетината текстови, кои користат јавни и познати личности , на сајтови кои се речиси идентични со легитимните сајтови на познати медиуми служат за да намамат луѓе да им продадат криптовалути, односно се работи за интернет измама.
Во делот на сајбер измамите, Горан Јанкоски, главен одговорен супервизор за информативните системи во Народната банка во изјава за МТВ рече дека домашниот банкарски сектор активно ги употребува најновите финансиски технологии за јакнењето на кибербезбедноста.
„Во делот на новите технологии, домашните банки применуваат напредни системи за анализа на платните трансакции за откривање измама, засновани на вештачка интелигенција. Овие системи придонесуваат за натамошно зајакнување на безбедноста на платежните трансакции, со тоа што ќе може да препознаат невообичаена трансакција, невообичаен трговец, невообичаен уред, време, држава и слично, од каде што се изведува трансакцијата, при што ќе се бара дополнителна автентикација од клиентот. Секако, примената на новите технологии треба да се одвива во согласност со законските прописи, анализата на ризиците од користењето на новата технологија и едукацијата на корисниците за начинот на нејзиното користење”, истакна Јанкоски и додава дека банките применуваат голем број заштитни механизми со кои обезбедува соодветна заштита, но препорачува и граѓаните да бидат крајно внимателни, како корисници на финансиските услуги, за да можат да ги препознаат ризиците од кибернападите, коишто во изминатиот период се зачестени.
Франција сака да складира нуклеарен отпад во Србија?!
Посетата на францускиот претседател Емануел Макрон излезе на насловната страна на Нова.рс. од 25 август со тврдење дека „Франција сака во Србија да се отараси од својот нуклеарен отпад“.
Дека е дезинформација потврди Арно Гујон, директор на Канцеларијата за јавна и културна дипломатија на Србија, кој одговори со цитат од францускиот Законот за животна средина , според кој, Франција е обврзана да го складира својот нуклеарен отпад на своја територија. „Согласно Законот за радијација и нуклеарна безбедност и безбедност (член 4) на Република Србија, забранет е увоз на радиоактивен отпад од странско потекло на територијата на Србија. Според заедничката конвенција на ОН за безбедност на управувањето со радиоактивен отпад усвоена на 5 септември 1997 година, секоја земја има обврска да го складира својот нуклеарен отпад на своја територија. Оваа резолуција беше ратификувана од Франција во 2000 година и Србија во 2017 година за време на владеењето на Александар Вучиќ. Постојат две директиви на Европската унија (од 2006 и 2011 година) кои прецизираат како треба да се обработува нуклеарниот отпад во секоја земја. Затоа, законодавството на Република Србија, законодавството на Република Франција, Меѓународната конвенција на ОН и европските директиви го спречуваат складирањето на каков било нуклеарен отпад во Србија. Ова намерно ширење на паника со цел поткопување на демократијата и легално избраната влада во Србија е криминален чин“, напиша Гујон.
Апсењето на Павел Дуров предизвикаа бројни дезинформации
Основачот на апликацијата Телеграм Павел Дуров беше уапсен од француската полиција и потоа пуштен со кауција од 5,5 милиони долари во домашен притвор. Дуров се соочува со обвиненија во Франција за објава на екстремистичката содржина, дезинформации и детската порнографија на платформата.
Веднаш по апсењето беше објавено видео на социјалните мрежи со креирано лого на телевизијата Ал Џезира со кое се тврди дека Обединетите арапски емирати ОАЕ го замрзнале мега-договорот со Франција за купување на 80 ловци Dassault Rafale, вреден од 17 милијарди долари како одговор по апсењето на својот државјанин (Дуров е Русин со државјанство од ОАЕ) и ги ставаат на коцка блиските воени врски меѓу двете земји.
Сепак, наводната снимка е лажна , според француските медиуми, вклучително и мрежата France 24. Француските новинари велат дека спорното видео почнало да кружи од социјалните мрежи на поединци и ентитети кои помагаат во обликувањето и циркулирањето на прорускиот наратив , како дел од кампањата за дезинформација. На веб-страницата на Ал Џезира или на социјалните мрежи го нема објавеното видео, а договорот за борците Рафаел сè уште стои. Единствена официјална реакција од Абу Даби е соопштението во кое предупредуваат дека одблиску ќе го следат случајот со апсењето на емиратскиот државјанин Павел Дуров и дека поднеле барање до француската влада да му ги обезбеди сите конзуларни услуги од итност.
В.К.