Владата на Швајцарија денеска поднесе нацрт амандман на Законот за воздухопловство, со кој на швајцарските аеродроми и авиокомпании ќе им биде дозволено користење на технологија за препознавање на лица и биометриски податоци на патници.
Со тоа на патниците ќе им се овозможи да се ослободат од хартиените билети или електронските билети за влез во авионот.
Како што е наведено, препознавањето на лицето може да се користи при предавање на багажот, пасошката контрола и влез во авион. Во исто време, персоналот може да пристапи и до проверка на патниците со помош на препознавање на лицето.
Предвидено е и да остане сегашниот процес без биометриски податоци, како алтернатива за луѓето кои одбиваат препознавање на лицето.
Препознавањето на лицето е една од 22-те точки поврзани со воздухопловството кои швајцарската Влада сака да ги ревидира, а периодот на консултации ќе трае до 28 ноември.