Уметничката акција „На лагата ѝ расте носот“ претставува просторна уметничка акција и интервенција преку која уметникот Ѓорѓе Јовановиќ ја третира темата на дезинформации кои се присутни насекаде околу нас и оневозможуваат цели групи и заедници да ја видат вистината, заслепувајќи ја јавноста со шарени лаги спакувани во лажни вести на кои наседнуваат голем број граѓани. Се работи за една од низата уметнички акции на групата урбани уметнички акции (урбана герила), преку кои дел од македонските уметници активно се вклучуваат во борбата против лажните вести.
Авторот на ова дело поаѓа од констатацијата дека во турбулентни периоди во кои наместо вистината доминираат лаги и манипулации, а наместо доблестите доминираат лажни вредности, секој треба да го прави она што најдобро знае. Во овој случај уметникот креира лесно читливо и атрактивно уметничко дело кое се спротивставува на лажните вести и на тој начин се вклучува во борбата против лажните вести, кои одвнатре го нагризуваат нашето општеството насочувајќи ги луѓето кон погрешни заклучоци.
Самата инсталација претставува ликовна комбинација на знакот за пристап до интернет мрежата, во која на едната страна е поставен ликовен приказ на човек кој работи на компјутер и креира лажни содржини кои потоа преку интернет ги шири во онлајн просторот. На другиот крај на композицијата знакот за интернет се трансформира во лик со голем нос, асоцирајќи на носот на Пинокио, односно ја потенцира опасноста од праксата на ширење на лажните вести во онлајн просторот.
Како дополнителен елемент на ова дело авторот во текстуална порака посочува специфично на низа лажни наративи поврзани со Европската унија, кои ги разоткрива и на публиката ѝ ги изнесува вистинските факти.
Во продолжение ви ги доставуваме најчестите лажни вести и лажни наративи поврзани со Европската унија, кои се споменати и се третираат во ова дело:
Тврдење: ЕУ сака да го избрише националниот суверенитет.
Лага: ЕУ често се прикажува како супердржава која има за цел да го елиминира суверенитетот на нејзините земји-членки.
Факт: тврдењата дека ЕУ носи важни одлуки за своите земји-членки се претерани. Во реалноста, ЕУ работи врз принципите на супсидијарност и заеднички суверенитет, каде што одлуките се носат на најсоодветно ниво, без разлика дали тоа е локално, национално или европско.
Тврдење:ЕУ е антидемократска
Лага: Тврдењето дека ЕУ ја водат неизбрани бирократи кои носат одлуки без одговорност пред граѓаните на Европа е неточно.
Факт: во реалноста, законите на ЕУ се предложени од Европската комисија, одобрени од Европскиот и Советот на ЕУ. Овој повеќеслоен систем има за цел да ја балансира застапеноста и ефикасноста.
Тврдење:ЕУ ја преплавува Европа со мигранти
Лага: Се сугерира дека ЕУ промовира масовни миграциски политики кои водат до неконтролиран прилив на мигранти, менувајќи го културното и социјалното ткиво на земјите-членки.
Факт: Иако ЕУ се соочува со предизвици со миграцијата, прикажувањето на нејзините миграциски политики често е претерано. ЕУ работи на управување со миграциските текови и обезбедување безбедност и интеграција на мигрантите преку различни договори и регулативи.
Тврдење:ЕУ економски пропаѓа
Лага: Чести се тврдењата дека ЕУ е економски неодржлива, со широко распространета невработеност и економска нестабилност низ земјите-членки.
Факт: Иако некои земји-членки се соочуваат со економски предизвици, целокупната економија на ЕУ е една од најголемите и најстабилните во светот. ЕУ има механизми, како Европскиот механизам за стабилност, за да обезбеди финансиска помош и да ја промовира економската стабилност.
Тврдење:ЕУ сака да забрани одредени јазици или култури
Лага: се наметнува мислење дека ЕУ се обидува да наметне единствен јазик или да го намали културното наследство на нејзините земји-членки.
Факт: ЕУ признава 24 официјални јазици и промовира културна различност. Има различни програми за поддршка на регионалните и малцинските јазици и културните иницијативи.
Тврдење:ЕУ ги принудува луѓето да јадат инсекти и инсектите ќе го заменат месото и традиционалната храна
Лага: Еден од најчестите дезинформациски наративи е дека ЕУ наметнува или наложува консумација на инсекти на своите граѓани.
Факт: Не постои политика или регулатива на ЕУ што ги принудува луѓето да јадат инсекти. Наместо тоа, улогата на ЕУ е да осигура дека доколку се продава храна базирана на инсекти, тие ги исполнуваат безбедносните стандарди. Друго претерано тврдење е дека инсектите ќе го заменат конвенционалното месо и другата традиционална храна во ЕУ.
Акцијата/инсталацијата „На лагата ѝ расте носот “ е просторна инсталација работена во мешани медиуми со димензии 130х200 цм изработена во рамките на проектот „Дезинформации – креативно замаглување на умот“, што заеднички го спроведуваат Центар за современа уметноста, СКУП – Центар за истражувачко новинарство и Националното радио Канал 77.
Проектот е подржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.