Наместо едноминутно молчење, громогласен аплауз го означи почетокот на денешната комеморација во чест на новинарот, Саше Димовски кој почина пред четири недели на 47-годишна возраст. Клубот на новинарите беше претесен да ги собере неговите роднини и колеги, како и претставниците од судската фела кои дојдоа да му оддадат последен поздрав на борецот за право и правда со таков животен дух кој не се заборава.
„Никогаш не помислив дека во професионалниот дом на Саше ќе ви се обратам со немир и со зборови на сеќавање. Многу е тешко да се прифати дека повеќе го нема. Уште мислам дека наскоро ќе излезе од болница, место во кое помина многу денови од последните 10 години. Велат дека последниот ден докторите за кратко го изгубиле, но тој се вратил во живот како и многупати досега. За жал, ова беше неговата последна борба. По половина час неговото тело не ја издржа борбата што ја водеше неговиот немирен и пркосен дух“, истакна во емотивниот говор, новинарот Васко Маглешов.
Тој рече дека Саше се борел до последен здив, покажувајќи дека и најтешките животни битки се водат со прифаќање и со насмевка.
„Беше професионален самотник, имаше инает да им пркоси на времето и на луѓето особено на оние што водат непринципиелни и нечесни игри. Саше беше редок другар и пријател. Беше незаменлив хроничар на правосудството, најостроумниот и најпринципиелниот критичар во овој сектор. Беше и праведен и правичен, знаеше да го каже директно она што сите останати го шепотеа“, истакна Маглешов.
Тој порача дека празнината и отсуството на неговиот колега и пријател нема да се намалат, но ќе остане огромна загуба не само за семејството туку и за целата професија.
„Загубивме скапоцен човек, го загубивме правникот меѓу новинарите. Но убеден сум дека сеќавањето за него нема да избледе. Смртта на Саше ми отсече дел од себе и ми остави талог во душата“, изјави Маглешов.
Тој даде предлог да се воведе секција или настан со името на Саше Димовски или пак, награда за известување од областа на судството.
Претседателот на Здружението на новинари, Младен Чадиковски го опиша Димовски како човек кој секогаш бил спремен да даде мислење или совет.
„Тој секогаш имаше став за речиси секоја тема и темелно се држеше до принципите на кои бил учен. Загубивме човек и вреден колега кој остави сериозен печат во својата работа. Беше новинар кој знаеше кон кого да го впери прстот кога беше нанесена неправда кон недолжните“, порача Чадиковски.
Средношколец во „новинарски води“
На комеморацијата се обрати и новинарката Убавка Јаневска, родум од Велес исто како Саше. Таа говореше за нивните заеднички почетоци во професијата и раскажа како нејзиниот драг колега си го трасирал патот кон професионалните успеси.
„Што изживеавме заедно со Саше? Почетоци на создавање на информативна редакција, телевизија Здравкин. Таму се сретнавме кога тој беше момче од 17 години, а јас 12 години постара од него и уште тројца колеги. Создававме концепт на информативна програма насловен како Ние сме гласот на граѓаните. Љубопитното момче прерасна во активен новинар и го советувавме да не остане во локалната заедница, да оди во Скопје заатоа што тој во себе има порив, амбиција, желба и храброст и треба да биде дел од национален медиум. Дојде во Скопје и така неговата работа стана синоним за обелоденување на афери кои само тој можеше да ги дознае. Саше ќе остане пример дека не е важно од каде си“, порача Јаневска.
За тоа како еден средношколец го „печел“ новинарскиот занает зборуваше и велешанката Ленче Здравкин.
„Интернатскиот живот почна да го пригушува и вратата која веќе во 21 часот мораше да биде затворена. Честопати Анче Здравкин знаеше да отиде кај тогашниот директор и да објаснува дека саше е сериозно момче и навечер не се забавува во велешките локали, ами тој има работен ангажман, но правилата важат за сите“, раскажа Ленче.
Така семејството Здравкин, одлучува да му отстапи една соба на Саше во нивниот семеен дом.
„Тој веќе е мојот постар син. Го советував, го поткарував понекогаш, го учев да биде чесен и свој. Лебот сам да го заработува каков што и беше Саше воспитуван од неговите родители. Горда беше мајка Доцка и сите ние, бидејќи само успешно залета во животот. Неговите успеси се редеа, па и Велес стана мал за него. Како професионалец започна и во националните медиуми, занаетот го испече од велешките мајстори новинари. Истражувачкиот жар му лежеше. Правосудството му беше специјалност. Пред секој авторитет цврсто застануваше и непоколебливо знаеше да ја докаже вистината. Саше беше професионалец над професионалците“, истакна Здравкин.
Таа се осврна и на здравствените битки кои ги имаше Саше и за кои секогаш јавно говореше укажувајќи на недостатоците во здравството.
„Десетина години ѝ пркосеше на здравствената битка, поднесуваше сѐ и сешто. Операција врз операција и секогаш победуваше. Ни ампутираната нога не успеа да ја наруши неговата психа. Ги тешеше сите околу него со сличен проблем. Војувавме сите заедно на чело со Саше како капетан, но последната кобна битка ја изгубивме. Се прашувам – каде бевме слаби? Каде потфрливме како луѓе, како систем, како држава“, рече Здравкин.
„Ех Саше, новинариште. Те изгуби фамилијата, те изгуби Велес, те изгуби Македонија, но твоите успеси нека бидат поттик за сите млади генерации“, заклучи Здравкин.
Новинарот Огнен Јанески пак потсети дека токму Димовски беше на чело на Советот на честа при ЗНМ.
Нам во Советот на честа ќе ни остане целата идеја која зад себе ја имаше Саше и секојпат со тоа ренгенско познавање на правото каде точно се знаеше дека одлуката која се носи за секоја претставка е издржана. Секоја приказна сама по себе не може да биде приказна. Приказната на Саше е многуслојна и сите тие приказни – ваша, наша, особено на внуците, е должност да ги пренесуваат и раскажуваат. Човек кога физички ќе замине од вој свет ќе живее толку долго колку што ќе биде зборуван – порача Јанески.
Инаку, Димовски кратко пред да почине беше суспендиран од Здружението на новинари од каде го загуби статусот на полноправен член, откако стана дел од Комисијата за помислување во служба на Претседалот на државата.
Димовски почина по долги и тешки здравствени компликации на почетокот на месецов.
Вања Мицевска