На површина од 43 илјади квадратни метри, денеска почна да се гради мега Градски пазар во Струмица, за што општина ќе одвои 230,9 милиони денари. Овој нов, модерен градски пазар е неопходност за Струмица и регионот, кој е познат по својата земјоделска дејност. Ова на денешната свеченост го кажа градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, кој додаде дека новиот пазар е само едно парче од мозаикот што подолго време се создава, како се редат проектите, еден по еден.
-Овој современ градски пазар е најголем во Македонија и токму поради овој проект ги изведовме Булеварот „Братство и Единство“ со новиот булеварски мост. Дополнително воведовме јавен градски превоз, со што граѓаните за релативно евтини цени ќе можат да се движат. Со такви големи проекти ќе продолжиме и уште сега го најавуваме Боемскиот парк на местото на Чешел пазарот, рече Костадинов.
Новиот градски пазар во Струмица се гради во близина на Автобуската станица, во Урбаниот блок 9. Работите на изведбата на пазарот ги доби компанијата „Џови компани“ од Мокрино.
Ова е втор голем проект што Општината Струмица го промовира за една недела. Во петокот беа преземени првите електрични од вкупно 10 автобуси, со кои се воведува јавен градски превоз. Со набавката на електричните автобуси, Општината Струмица станува првата општина со целосно електрифициран градски превоз.