Вкупно 66 дена, Васил Иванов и неговата сопруга Донка спиеле на паркинг во Солун чекајќи подобрување на здравствената состојба на нивниот син, молејќи се тој да оздрави и да си го вратат назад во семејниот дом.
Откако Јани се повредил во Грција, тој ја добива дијагнозата параплегија и квадриплегија, што на долг рок ќе го наруши спокојот на ова скромно семејство од Неготино. Младото момче полно со елан и амбиции, одеднаш ја губи можоста да се движи, а семејството нема финансии за неговата рехабилитација во соседната држава, каква што ние во нашето здравство немаме. Македонската јавност се сплоти и со своите донации му овозможи третмани на Јани во соседната земја кои во моментот тој ги добива во Лариса, во услови кога домашната легислатива не остава можност трошоците да ги покријат здравствените власти.
Донациите веќе секнуваат, а родителите на Јани се загрижени дека влошувањето на неговата состојба веќе е на повидок бидејќи ако се врати овде нема да има услови за истите третмани.
Случајот на Јани се најде во изјавите на политичарите, но не и во нивните решенија
Случајот на Јани досега го коментираа повеќе политичари во изјави за медиумите, но решение сѐ уште не се постигна. Неговиот татко е револтиран и овој пат побара ММС да ја пренесе неговата реакција.
„Ние сме сѐ уште во Лариса, но финансиските средства се при крај. Гледајќи ја финасиската состојба, планираме да се вратиме во Македонија. Донациите се собираат многу слабо во моментот, речиси и да ги нема, бидејќи броевите за донации веќе се затворени“, вели Васил.
На прашањето каква е состојбата на Јани сега, тој вели дека декубитот е намален, а секојдневно се прават и соодветни вежби.
„Големината на декубитот е многу задоволителна, а Јани секој ден овде прави вежби. Центарот е специјализиран, секој ден има физикална терапија и оди на базен со терапии. Кај нас во Македонија нема ваков центар, па во септември се враќаме назад поради недостиг на финансиски средства, иако Јани нема каде да ја изведува терапијата за неговата дијагноза“, посочува Васил.
Тој и неговата сопруга се во приватно сместување каде имаат барем основни услови за живот, но наскоро ќе немаат доволно ниту за таа една соба, а камоли за трошоците за терапиите.
„Нема следен чекор кој може да го преземеме. Терапиите што Јани ги прави во овој центар кај нас во Македонија не се изведуваат. Ќе го вратиме дома детето. Со прости зборови кажано, што е пишано, тоа ќе биде“, додава Васил.
Прекинот на терапиите би значел ризик за Јани за мускулатурата и за ‘рбетниот мозок, но доколку продолжи со нив, неговата состојба би можела да се подобри и до 90 отсто – тврди неговиот татко.
Го прашавме ако се вратат, дали би направиле повторно напори да обезбедат средства преку Фондот за здравствено осигурување. Тој вели дека би сторил сѐ што е потребно, но стравува дека и да има ново конзилијарно мислење Фондот повторно би го одбил бидејќи рехабилитациите не се покриваат со буџетски средства.
„Според законот, не исплаќаат средства за таква работа иако во државата нема центри за таква дијагноза“, нагласува Васил.
Неговиот револт е голем бидејќи смета дека надлежните го искористиле случајов за политички поени. Затоа, апелира тој, властите итно треба да ја променат законската регулатива за да може да ја покријат рехаблитацијата, но не само таа на Јани туку и на сите останати кои имаат потреба од терапии за кои ние немаме услови.
„Иако кај нас немаме услови за овакво лекување, како што викаат рехабилитација, јас би ги прашал дали тоа не е лекување? Во државата нема услови за оваа дијагноза, а тие упорно тврдат дека за надвор пари не даваат. Јас може ќе се вратам во Македонија, но предметот не го оставам да стои во некоја фиока“, дециден е Васил.
Кога случајот со Јани се актуелизираше во јавноста, на чело на Министерството за здравство стоеше Илир Демири како министер во техничката Влада. Тогаш тој изјави дека МЗ комплетно ќе се посвети на изнаоѓање решение за секој пациент кој има потреба.
Мандатот на Демири веќе заврши, во ресорното министерство се врати д-р Арбен Таравари, со кого таткото на Јани веќе имал кратка средба, но и од тоа немало никаков исход.
-После завршувањето на мандатот, дојде нова Влада со нов министер, па така јас се упатив кај министерот Таравари. Со него имав кратка средба и тој ме упати кај шефот на неговиот кабинет. Значи со него седнавме и разговаравме околу половина час. Тој изјави дека Министерството има пари, ама законот е така направен да не се исплаќаат пари за таа намена. Во однос на изјавата на Илир Демири, тој се изјасни дека намерно го кажал тоа за политички поени. Значи си играме „шарам, барам“. Само и само да не се дадат пари за лекување надвор од државата. Јас имав и предлог до поранешната заменик министерка, ако државата не сака да даде пари за рехабилитација нека направат еден центар кај нас во државата, но ништо од тој предлог – вели Васил.
Разочарано вели дека додека народот седи и ќути, политичарите ќе манипулираат со своите изјави, а сѐ повеќе пациенти меѓу кои и деца, ќе чекаат подобри услови за лекување.
„Од политичкиот систем не очекувам ништо, кој што може повеќе да грабне за во џеб. Можам да кажам народот нека не се надева кога велат ова или она ќе се направи. За народот, ќе почека малку“, вели Васил.
Тој разговарал и со таткото на Леонид Индов кој замина на лекување во Австрија, од каде пред еден месец беше транспортиран со хеликоптер на МВР опремен со медицинска опрема.
Сѐ повеќе деца се лекуваат во странство со донации. Разговарав со таткото на Леонид и истото и тој ми го кажа, дека повеќе нема финансиски средства, а во Македонија имало стручни кадри кои можеле да го лекуваат во Болницата „8 Септември“. Значи не знам зошто не разберат дека такви кадри немаме во државата. Еве за нашиот случај, значи имаме физикална терапија која е поделена во гранки. За нашиот случај каде има повреда со ‘рбетниот мозок треба таков физиотерапевт, треба базен и стручно лице што работи со него во базен. А од друга страна ако за Леонид има услови во „8 Септември“ зошто го испратија во Австрија па пак да го враќаат назад – прашува Васил.
Со оглед дека броевите за донации веќе се затворени, хуманите граѓани може да донираат на трансакциската сметка:
200003894558043 – Стопанска банка
Или на овој линк
Нашата редакција се обрати за став и до Министерството за здравство, но од таму одговор досега не добивме. ММС ги праша здравствените власти дали МЗ планира да изготви измени и дополнувања на Актуелниот закон за здравствено осигурување со цел да може рехалибитациите во странство да се покриваат со државни пари? Прашавме и дали од Министерството планираат да иницираат измени на соодветниот Правилник, но и по речиси една недела, службата за односи со јавност при оваа институција остана затворена.
Вања Мицевска