Во гаснење на пожарот на планинатата Мукос во Општина Чашка денеска ќе се вклучат два воздухоплова и по 25-ца припадници на Министерството за внатрешни работи и на Армијата, како поддршка на екипите на Национални шуми кои прават пресеци за да стопираат проширување – информираше вчера попладне Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Главниот штаб на ЦУК добил информација за пожарот од концесионерот на ловиштето на планината Мукос со слика и локација. Утврдено е дека се работи за пожар кој бил активен од 6. до 18. месецов и бил целосно изгаснат.
-На барање на градоначалникот на Чашка за воздухопловна поддршка и дополнителен број човечки ресурси, Главниот штаб на ЦУК донесе заклучок во 06:30 часот да упати 25 припадници на МВР, 25 припадници на Армијата како и два воздухоплова за воздушна подршка на силите распоредени на терен – соопштија од ЦУК.
Посочуваат и дека за пожарот немало пријава преку бројот за итни случаи 112 и Секторот за операции и коорднација на ЦУК.