Вкупно десет електрични автобуси се очекува деновиве да пристигнат во Струмица, откако денеска на градоначалникот Костадин Костадинов му беа предадени клучевите од компанија „Аутомакедонија“ – Скопје. Со тоа, Струмица станува првата општина на Балканот со целосно еколошки јавен превоз. Автобусите се набавени со финансиски лизинг во износ од 7 милиони евра. Автобусите од 11 септември почнуваат да возат на струмичките улици, со што почнува тест периодот од еден месец, што за граѓаните ќе значи моќност за бесплатно возење.
Со оваа набавка, како што рече градоначалникот Костадинов, Струмица испишува историја, од причина што општината до сега немала автобуски превоз, а потребите се големи и придонесуваат за унапредување на мобилноста на граѓаните.
-Не можеме да го занемариме фактот дека Струмица е еден од градовите кој се соочува со енормна загаденост. Кога се соочувате со такви предизвици, неопходно е да правите радикални и револуционерни проекти како што е електрифицираниот јавен превоз. Тоа значи почиста животна средина, благослов на нашите сограѓани и секако и многу важно, оваа иницијатива, овој проект и овој концепт е во корелација со Европскиот зелен договор, затоа што прашање на време е кога ќе тропне на врата обврската од ЕУ согласно новите регулативи, до 2035 година 100 проценти од градскиот превоз да има нула емисија, заради тој Европски зелен договор кон декарбонизација на градскиот јавен превоз, рече на свеченоста градоначалникот Костадинов.
Набавката на десет електрични автобуси е дел од големиот проект Смарт сити Струмица, кој почна со изградбата на велосипедските патики, нивното проширување , а сега и воведување на целосно електрифициран јавен превоз. Тоа според директорот на ЈП Струмица Транспорт Драги Поп Стојанов, значи употреба на зелена енергија, преку проектот кој се проширува со поставување на сончеви колектори за производство на електрична енергија.
-Нашата база, каде ќе бидат сместени автобусите, има конструкција со 5000 метри со можност за поставување на сончеви колектори и да можат сончевата енергија да ја претворат во електрична и да добиеме потполна енергетска независност. Тоа значи енергетска одржливост и користење на природни ресурси. Еден мегават ќе биде сосема доволен за полнење на автобусите, греење и ладење на централата за управување со јавниот превоз и да се пушти вишокот произведена струја за јавно осветлување, рече Поп Стојанов.
Автобусите се очекува да пристигнат во периодот од 1 до 6 септември, по што следува тест периодот од еден месец со бесплатно возење на граѓаните.
ЈП Струмица Транспорт набави и 6 полначи во вредност од 230 илјади евра.
В.К.