Насловот е изваден од најчестиот одговор на граѓаните на анкетата на ММС со прашање за мислењето за патарините, кои лани на државата ѝ заработиле 64 милиони евра. За оваа алтернатива – „Граѓаните не знаат како се трошат парите од патарините, а патиштата се се’ полоши“, се определиле 42 отсто од учесниците во анкетата или 806 граѓани. За опцијата „Патарините да се укинат и да се воведат винети“ се определиле 30 отсто со 567 гласови.
Патарините не треба да се наплаќаат, бидејќи голем износ се наплаќа со регистрацијата на возилата, сметаат 24 отсто од тие што гласале. Додека по само 2 отсто со идентичен број на гласови се определиле за одговорите: „Патарините треба да останат во оваа форма, бидејќи собраните пари се вложуваат во патишта“ и „Да има патарини на само неколку на новите автопатишта“.
Во анкетата учествувале 1944 граѓани.
Следната анкета пред читателите на ММС го поставува прашањето: „Се чувствувате ли безбедно со зачестените вооружени инциденти“?
- Да, тоа е само пресметка меѓу криминални групи
- Да, но ме загрижува зачестеноста на ваквите вооружени инциденти
- Ќе се смири откако ќе бидат уапсени криминалците кои се пресметуваат
- Не, бидејќи вооружените инциденти зачестуваат, а државните органи тешко се справуваат
- Не и состојбата допрва ќе се влошува бидејќи се испреплетени криминалните со безбедносните структури.