Смртта на несреќниот 19-годишен Јанис во Пефкохори, Грција, кој загина во понеделникот вечерта кога се откачи ротирачкото столче во забавниот парк, додека седеше со својот 16-годишен брат, изнесе на виделина редица неправилности во работењето на луна паркот. И додека денеска се движеше погребната поворка со телото на младото момче, локалната и централната власт си ја префрлаа вината, додека сопственикот на луна паркот и операторот се обвинети за делото „убиство од небрежност“.
По драматичните случувања, општина Касандра го затвори забавниот парк. Градоначалничката на Касандра, Анастасија Чалкија, ја префрли одговорноста на Министерството за развој. Вчера беше уапсен 58-годишниот сопственик на луна паркот, додека 21-годишниот работник – оператор на кобната машина, кој по трагичниот инцидент брзо исчезна, откако побегнал, по некое време се пројавил во полиција.
Редица пропусти
Но, овој случај откри редица пропусти во поставувањето на луна паркот.
На 29.07.2024 година, членовите на Комисијата за јавни набавки на општина Кожани се сретнале да ги разгледаат предлозите за учество на фестивалот „Ниамерос“. На конкурсот вкупно учествуваа две заинтересирани компании кои понудиле да постават забавен парк.
Еден од учесниците во набавката имал овластување од 58-годишниот бизнисмен на кобниот забавен парк што работеше во Пефкохори. Нивната понуда е одбиена, бидејќи „не се доставени потврди за соодветност (сертификат) за ниту еден забавен реквизит што наведува дека ќе го инсталира“.
Накратко, сопственикот на луна паркот немал соодветни документи. И втората компанија, која дала понуда, била дисквалификувана од истата причина (!), поради што општина Кожани пристапила кон повторно објавување на аукцијата преку усно наддавање.
По се’ изгледа, општина Кожани постави високи стандарди за својот фестивал и успеа да исклучи два пријавени кои не ги исполнуваа критериумите и ги немаа потребните сертификати.
Чија е вината?
Но, по случајот со трагичната несреќа во Пефкохори општинската власт на Касандра тврди дека одговорноста е на Министерството за развој.
„Забавниот парк функционира последниве 20 години на локација во приватна сопственост во Пефкохори. Дури и јас ги носев моите деца таму за забава. Бизнисменот до лани вообичаено на нотифибизнис порталот го објавувал известувањето дека поминал проверка од Министерството за развој. Како што знаете, ние како општина немаме специјализиран кадар за проверка на овој тип на механизација. Министерството е одговорно за сертификација на машините и бизнисот“, изјави за „ЕТ“ градоначалничката на Касандра, Анастасија Чалкија.
Министерството тргна во контранапад тврдејќи дека „согласно член 110 од Законот 442/2016 година, единствениот надлежен орган за спроведување на законската рамка во однос на доделувањето лиценци и контролата на усогласеноста со условите за работа на забавен парк е општината во чија надлежност се врши дејноста, а во конкретниот случај општина Касандра. Изрекувањето на глоба за прекршување на соодветната законска регулатива се врши и со одлука на надлежниот орган на соодветната општина, во конкретниот случај општина Касандра“.
Јанис бил преместен од работникот на луна паркот
Откривањето на деталите од несреќата водат кон други прашања. Операторот со реквизитот побарал од сега покојниот Јанис да се премести.
Според ТВ станицата МЕГА, Јанис и неговиот брат првично биле седнати на друго место, но операторот ги преместил на фаталното седиште, кое се откачило и резултирало со смртоносна повреда на 19-годишникот.
Она што отвора разумни прашања е зошто операторот решил да ги замени седишта и дали имало други неисправни седишта.
Не една, не две, туку многу повеќе беа поплаките на оние кои се најдоа во забавниот парк на трагичната несреќа во Пефкохори, Халкидики. Со години пред несреќата, посетителите негативно коментирале за луна паркот, предупредувајќи на опасности.
Убиство од небрежност
Операторот и сопственикот на забавниот парк се обвинети за убиство од небрежност. Двајцата потоа се однесени кај обвинител.
Обвинителот наредил претходно испитување, а потоа и двајцата биле пуштени на слобода. Јавниот обвинител, според ЕРТ, сметал дека досието со кое биле упатени е нецелосно и затоа смета дека прелиминарното испитување треба да продолжи.
Сопственикот на луна паркот тврдел дека 20 години се занимава со дејноста, редовно се одржуваат игрите во забавниот парк, но при тоа, никогаш не им се случила слична несреќа.
Извор:Newsbomb.gr