Забрзување на работењето помеѓу субјектите од приватниот и јавниот сектор преку електронскиот систем на УЈП, ова е една од главните придобивки кои треба да ги овозможи електронската фактура во борбата против сивата економија.
Проектот е-фактура го најави и претходната власт во Стратегијата и акцискиот план чие спроведување до 2027 година би требало да ја „трансформира“ неформалната економија во формална. Ваквиот проект, само модифициран во однос на најавениот од СДСМ, се најде и меѓу предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ која најави политики за праведна фискална децентрализација.
Оваа алатка всушност ќе биде предизвик за државата чии финансиски институции не се софтверски поврзани, но сепак за познавачите и бизнис секторот ќе биде нов момент во напорите за справување со сивиот дел на економијата. Несомнено ова ќе донесе повеќе работа и за ИТ компаниите чии претставници веќе беа на средба во Управата за јавни приходи.
ММС ги праша институциите до каде е реализацијата на овој проект, но побаравме коментар и од економистите, со што ви го носиме вториот дел од анализата за состојбата со сивата економија во државата.
Законската регулатива врз основа на која ќе треба да се воведе е-фактурата се изготвува во Министерството за финансии, а имплементатор на проектот ќе биде УЈП – гласи „скромниот“ одговор од Министерството за финансии за ММС.
Во него сепак не се наведува за какво законско решение станува збор и какви се очекувањата во однос на тоа кога би било изготвено.
За разлика од оваа институција, од Управата за јавни приходи споделија повеќе детали информирајќи дека веќе се во фаза на формирање проектен тим кој ќе изработи патоказ и акциски план за сите проектни активности, а ќе се знаат и сите рокови.
Што сѐ ќе вклучува подготовката за овој проект?
Процесот на воведување на е-фактура ќе вклучи изработка на спецификација и набавка на потребните ИТ компоненти (хардвер и софтвер), подготвување на регулатива (законски измени, подзаконски акти), развивање на софтверот, тестирање на системот со крајните корисници и слично.
Од УЈП појаснуваат дека тоа се меѓусебно поврзани и условени активности кои ќе бидат детално планирани со рокови.
„Е – фактура ќе биде нова дигитална услуга која ќе го олесни деловното работење на компаниите, а од аспект на даночниот процес овој систем ќе обезбеди податоците за оданочивите промети да доаѓаат до УЈП во реално време со цел точно пресметани даночни обврски“, велат од Управата додавајќи дека прават интензивни подготовки за имплементација на овој проект.
Во таа насока, одржани се повеќе состаноци со Министерството за финансии и со Царинската Управа каде надлежните разговарале за поголема координација, размена на податоци и поврзување на системите.
Од Царинската управа за ММС велат дека со УЈП веќе договориле да развијат напреден систем на анализа на ризик и податочен склад, како дел од процесите на дигитализација кои се искачуваат на повисоко ниво.
-Фирмите што работат во рамките на неформалната економија стравуваат да влезат во радарот на царинските и даночните служби, а наша задача е да ги сузбиеме ваквите појави. На овој начин овозможуваме подобри услови за фер конкуренција, поголеми инвестиции во производство и крајно повеќе приходи во Буџет. Царинската управа управува со напредни комуникациски системи, а во моментов сме во фаза на имплементација на уште поусовршени системи коишто ќе ни овозможат да ги пратиме новите трендови и во делот на олеснување на трговијата и во делот на сузбивање на криминалот – нагласуваат од Царина.
Во однос на координацијата со останатите институции, од Царина потенцираат дека имаат редовни неделни средби со ресорната министерка, Гордана Димитриеска Кочоска за поефикасни чекори кон економска трансформација и сузбивање на криминалот и корупцијата.
-Комплементарност на политиките во насока на изготвување, но уште поважно имплементација на стратегиите и акциските планови кои се дел од тие стратегии меѓу кои и Стратегијата за сузбивање на сивата економија, каде се потребни сериозни ревидирања во насока на конкретни резултати, се многу важни – сметаат од Царинската управа.
Од Министерството за финансии пак, во писмениот одговор до нашата редакција најавуваат дека средбите и со Царина и со УЈП продолжуваат, со цел поефикасно справување со сивата економија.
Како Министерство деновиве веќе почнавме со коориднациски средби со Управата за јавни приходи, како орган кој е надлежен за прибирање на приходите во буџетот – велат од тимот за односи со јавноста при МФ.
Институцијата најавува и кампањи преку кои граѓаните ќе се запознаат со придобивките од користење на услуги од правни лица кои работат во формалниот сектор.
Македонија каска зад земјите од регионот, е-фактурата веќе е воведена во соседството
Воведувањето на електронската фактура според бизнис секторот, е механизам кој значително ќе помогне во справувањето со оваа појава. Какви бенефити всушност ќе донесе таа во деловното работење, објаснува првиот човек на сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски.
Тој нагласува дека овој проект веќе е имплементиран во дел од земјите од регионот.
„На пример, во Србија е воведен системот е-фактура кој е поврзан со Законот за финансиска дисциплина. Се работи за одредено софтверско дигитално решение каде што се вмрежени УЈП, испорачателот на добрата и услугите, примателот и така натаму“, објаснува Ангелоски.
Понатаму, посочува тој, процесот за наплата на побарувањата е максимално регулиран на 60 дена.
„А 61-от ден оној кој не ги подмирил своите обврски мора да ги подмири или се соочува со адекватни казни, принудна наплата и така натаму. Едноставно, финансиските текови во државата се регулираат и нема понатамошно случување некој некому да му должи, па имате долги судски постапки каде се докажувате дали ја примил фактурата, не ја примил и тн. Со еден клик, со изводот кој може да го извадите, сѐ се решава на адекватен начин, постојат адекватни алатки и ова е еден од примерите. Ова е еден процес кој мора да се случи“, додава претседателот на ССК.
Тој вели не може да каже дали нашите институции имаат капацитети за едно вакво дигитално решение, но смета дека има одговорни лица кои се платени со парите од граѓаните и сепак ќе треба да дојдат до соодветното решение.
„Компаниите треба да ја завршат својата дејност, а институциите нивната за која сите граѓани на оваа земја одвојуваат даночни приходи и ги плаќаат. На овој начин тие даночни приходи може да бидат адекватно регулирани, поконзистентни и поефикасно да се наплаќаат. Мислам дека прашањето е целосно на терен на институциите и сметам дека можности за понатамошни одложувања не постојат, едноставно треба да се спроведе тој процес, заклучува тој.
Електронската фактура која ќе треба да ги замени досегашните книжни, е проект за кој домашните институции се „токмат“ од 2017-та година.
Со е-фактурата, компјутерските алгоритми ќе го заменат она што се работи на терен
Аналитичарот Бранимир Јовановиќ вели дека идејата е одлична, но не и ИТ системите на надлежните кои се потребни за овој проект да се имплементира.
Тој „пластично“ објаснува како всушност изгледа примената на е-фактурата:
„Со неа, сите податоци при купопродажбите автоматски се внесуваат во системот и можат да се следат од надлежните органи од било каде, без да мора да се оди кај фирмите и да им се бараат сметководствените книги. Ако треба да се направи инспекција на некоја фирма, нема да мора да се оди кај неа и да се бараат документите, туку ќе може тоа да се направи од канцеларија, па дури и да се автоматизира, односно, тоа да не го прават луѓе, туку компјутерски алгоритми“, вели Јовановиќ.
Тој додава дека на овој начин ќе може и да се поврзуваат овие податоци со податоците од завршните сметки на фирмите, од даночните пријави, па и од фискалните сметки. Со самото ова, полесно и подобро ќе се утврдува кога некоја фирма не плаќа даноци или прави некои други малверзации.
Дека е-фактурата ќе ја намали даночната евазија и ќе има додадена вредност за фирмите, е став и на ИТ секторот. Претставници од неколку компании веќе беа на состанок во УЈП, најавувајќи дека самите ќе дадат придонес во тестирањето.
Од УЈП во писмена изјава за ММС велат дека станува збор за компании кои развиваат софтвери за поддршка на работењето на домашните фирми во делот на изготвување на фактури, ако се знае дека воведувањето на е-фактурата ќе ја наметне потребата за прилагодување на самите софтверски системи.
„Процесот на воведување на е-фактура е системски и во истиот се вклучени повеќе засегнати страни како УЈП, консултанти, останати институции кои треба да го подготват, да го развијат софтверот, да го тестираат системот со крајните корисници и сл. Сите овие процеси бараат време, но и точно планирани активности со цел следење на активностите и процесот бидејќи се меѓусебно поврзани и условени активности истите ќе бидат детално планирани со рокови“, истакнуваат од УЈП.
Во писмениот одговор до ММС, Управата информира дека согласно активностите што се преземаат, планирано е системот е-фактура да се развива и тестира во 2025 година.
-За сите активности транспарентно ќе се информираат даночните обврзници и јавноста – најавуваат од УЈП.
Освен поддршката од ИТ компаниите за сите останати, за е-фактурата е неопходно поврзување на надлежните органи како УЈП, Царина, Централен регистар, Министерство за финансии.
Аналитичарот Јовановиќ констатира дека такви системи, за жал, сè уште нема. Дополнителен проблем според него, е одливот на кадрите.
„Потребно е и да има стручни лица, кои ќе можат да ги користат овие системи и податоци, што исто така станува сè поголем проблем, затоа што квалитетните кадри сè повеќе ги напуштаат државните институции. Дури и да ги има овие две работи, електронската фактура сепак не е гаранција дека ќе се намали сивата економија, затоа што фирмите повторно ќе може да не книжат дел од прометот, со што тој пак ќе остане надвор од системот. Тоа покажува колку сивата економија е комплексна, дека борбата против неа бара повеќе мерки и дека нема волшебни стапчиња кога е таа во прашање. Но сепак, мислам дека електронската фактура е добра идеја и дека треба да се имплементира што е можно побрзо“, заклучува Јовановиќ.
Со борба против сивата економија до доверба на граѓаните во целиот систем
Иако борбата против ваквиот проблем кој го корозира целото општество е сложена, но детектирањето и сузбивањето ќе создадат средина во која ниту еден поединец нема да се осуди да работи на нелегален начин. Ова е ставот на Царинската управа која се вбројува меѓу надлежните институции за решавање на ова прашање.
Од Царина велат дека првично, сепак треба да се создаде средина во која секој еден поединец ќе има доверба со системот. Довербата е клучна за градење одржливо општество, при што во моментов еден од приоритетите поставени од страна на директорот Бобан Николовски е и менување на свеста на вработените за значењето кое го има секој царински службеник во испорачување конкретни резултати. Целта е подобрување на условите за водење бизнис преку олеснување на забрзување на легалната трговија и жестока борба со криминалот и корупцијата, вклучително и сивата економија, велат од таму за ММС.
Царинската управа само минатиот месец наплатила рекордни близу 12 милијарди денари, или 16,6 проценти повеќе од минатата година, што претставува историска наплата на приходи во еден месец.
Од оваа институција дополнуваат дека нивната контрола вклучува контрола во реално време и пост контрола односно контрола по царинење која се прави врз основа на анализа на ризик и разузнавачки информации.
Унапредување на анализата на ризик на којашто се работи во континуитет преку имплементација на напредни ИКТ системи, овозможува сузбивање на сивата економија, порачуваат од Царинската управа.
Вања Мицевска
Со овој текст, ММС.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.