Руско-американска балерина е осудена на 12 години затвор во Русија, откако беше прогласена за виновна за предавство затоа што донирала околу 51,8 долари за добротворна организација за поддршка на деца и повозрасни лица од Украина.
Ксенија Карелина, која живее во Лос Анџелес , Калифорнија, се изјасни за виновна на нејзиното затворено судење во градот Екатеринбург во Урал во четвртокот. Беше уапсена во Русија, каде дошла во посета на роднини.
Нејзиниот случај беше сослушан од истиот суд кој го осуди новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович за шпионажа во јули.
Судот соопшти дека истражителите откриле дека на 24 февруари 2022 година – првиот ден од руската инвазија на Украина – Карелина „префрлила средства во интерес на украинска организација, кои потоа биле користени за купување на тактичко-медицински предмети, опрема, и муниција од вооружените сили на Украина“.
Нејзините поддржувачи велат дека таа донирала 51,80 долари на „Разом за Украина“, добротворна организација со седиште во Њујорк која обезбедува хуманитарна помош за децата и постарите луѓе во Украина. Добротворната организација негираше дека му дава каква било воена поддршка на Киев.
Карелина е родена во Русија и емигрирала во Соединетите држави во 2012 година преку програма за работа-студирање, добивајќи американско државјанство во 2021 година.
Карелина беше уапсена од руската безбедносна служба ФСБ откако на почетокот на годината одлетала во својата земја за да го посети своето семејство во Екатеринбург. Проблемите за Карелина започнаа веднаш кога таа пристигна во Русија користејќи го американскиот пасош.
Извор: Стандард.ук