Мнозинството советници ја одби донацијата на советникот од Левица, Ангеле Михајловски, кој понуди компјутерска опрема – веб камера и микрофон за подобар пренос на седниците на Советот на Општина Штип, кои сега се одвиваат со поставување на лап топ на еден од прозорците во Големата сала. Советникот Михајловски оцени дека преносот е како што рече „катастрофален“, иако и во Програмата на градоначалникот Иван Јорданов е предвидено до 2022 година да се инсталира нова опрема со цел зголемување на транспарентноста на работата на Советот.
-Трета година е оваа локална власт, а преносот на седниците е во катастрофална состојба. И во Програмата на градоначалникот Иван Јорданов стои: „Зголемена транспарентност на Советот на Општината Штип како и реконструкција на салата за Советот и зголемена транспарентност кон граѓаните преку софистициран пренос на седниците. Рок на реализација 2022 година“, го цитираше делот од програмата на градоначалникот, советникот Михајловски.
Неговата донација беше одбиена а како што образложи претседателката на Советот Весна Кожинкова Карагунова, опремата за пренос на седниците е набавена и наскоро ќе биде инсталирана.
-Во септември е предвидена реконструкција на оваа сала, веб опремата е пристигната и ќе биде инсталирана и наместена кога ќе се случи реконструкцијата на салата во септември, објасни претседателката.
Советот на Општина Штип со години има лош пренос на седниците, за разлика од некои други помали општини, како соседното Свети Николе или Гевгелија, кои редовно на платформата Youtube во живо со квалитетен пренос ги емитуваат седниците во живо.
Со последните Парламентарни избори во мај и новите кадровски промени, Советот на општината доби нови советници на местата на именуваните директори Влатко Захариев во Клиничката болница и Дејан Здравков во КПУ Затвор – Штип, доаѓаат Христина Серфимовска, која е поранешен советник и доктор Никола Костадинов, едно од споменуваните имиња за директор на Клиничката болница.
В.К.