Австриската полиција уапси уште едно момче на 18 годишна возраст осомничено дека учествувало во планирањето терористички напад на еден од концертите на Тејлор Свифт во Виена, пренесуваат австриските медиуми, јави Телма.
За сега не се открива неговиот идентитет. Познат е само идентитетот на главниот осомничен. Она што се знае од истрагата е дека последниот во низата уапсени лица осомничени за планирање терористички напади бил запознат со плановите на уапсениот 19-годишен Беран А. од Терниц во Долна Австрија.
Уапсениот 19-годишник, чии родители се по потекло од Македонија, дал отказ на работа на 25 јули со зборовите: „Имам големи планови за иднината“.
Како што беше и претходно објавено тој веќе бил радикализиран, а властите открија и дека терористите имале конкретен план за нападот.
Уапсени се и 17-годишник и 15-годишник. Едниот од нив веќе им бил познат на безбедносните служби. Пред неколку дена се вработил во компанија која на концертот требало да дава услуги, како што се снабдување со храна и пијалоци.
Според неговиот адвокат, тој нема никаква врска со тероризам или планирање напади. Наводно станува збор за тинејџер со хрватско-турско потекло. Осомничен е и петнаесетгодишен Австриец со турско потекло.
Австриските медиуми ги нарекоа младите осомничени- „тик-ток терористи“ бидејќи организаторот Беран А. и неговите следбеници се радикализирале преку социјалните мрежи каде гледале содржини за насилен екстремизам и за подготовка на експлозивни средства.