Здравиот човек има илјада желби, а болниот само една- да оздрави! Тоа е и желбата на Анѓела од Скопје, која се бори со сколиоза, а за да се исправи на нозе потребна е операција.
Анѓела секако не е во можност да обезбеди пари за спас, па реши преку донации да побара помош од хумани граѓани.
Анѓела е самохрана мајка на 2 деца и треба веднаш да замине на операција во Турција.
Во објавата за донации, но и за ММС таа рече дека нема доволно средства за да живее нормален живот без болки.
-Подолг период имам проблем со сколиоза . Сумата за мојата операција сѐ уште не е собрана, но јас треба што побрзо да ја направам операцијата бидејќи кај мене од сколиозата има дојдено и до деформитет на градниот кош кој ги притиска и белите дробови, а со тоа мене ми предизвикува огромни болки, тешкотии при дишењето и движењето кои ме попречуваат во работата. Имам носено корсети, имам правено вежби, физикални терапии, но сѐ беше залудно. Покрај мислењата на наши доктори и чекање ред на листа за операција побарав мислење и од доктор од Турција, кој што ми даде добра прогноза за решавање на проблемот. Сега со достигнатата кривина од 83 степени ми преостанува само операција за да се исправам, да ги немам болките, да не дојде до срцева слабост и да не дојде како многу други случаеви што завршиле со најлошото поради сколиозата. Потребната сума за таа операција изнесува 27.000 евра која што ја сама не можам да ја обезбедам, рече Анѓела.
Таа за ММС рече дека на листа на чекање ја ставиле пред околу седум години, но бидејќи веќе не ѝ се јавиле испаднало дека не ја ни ставиле.
– Тогаш уште не бев бремена со второто дете. Еве пак сум на листа на чекање, од како се јавив пред скоро две години . Кажував дека сум со болки, се плашам кривината да не се зголеми. Со болки си тапкам во место. И што друго да направам освен спасот да го побарам надвор. Се распрашував кај нас во приватни клиники, ми рекоа дека ќе ме чини 58 илјади евра, а во Турција ми побараа 27.000 евра. Се консултирав со двајца лекари, кои ми ветија спас, а истото ми го кажаа и луѓе кои се оперирале во болницата во Турција. Ама јас таа сума ја немам, затоа пробувам со донации. А болките веќе не се трпат, рече Анѓела и додаде:
-Лекарите не потпишуваат, не ја прифаќаат операцијата надвор, а операцијата тука никако да се направи. Барав конзилијарно мислење дека оваа операција тука не може да се направи, но не ми потпишуваат, а не ме ни оперираат, затоа и не можам да барам пари од Фондот за здравство. А мене ме притиска и многу ме боли, вели Анѓела.
Болеста ја добила кога имала 10 години и веќе 19 години живее со овие маки.
-Единствено немав болки кога бев бремена со децата. Лекарите ми велат цела среќа што сум слаба, бидејќи јас навистина сум многу слаба, да бев покрупна ќе беше уште полошо. Лекарите од Турција ми ветија дека ќе се среди состојбата, ако нервот дозволи и сосема ќе се исправам ама најважно од сѐ е што веќе нема да ги имам болките. Сѐ зависи од нервот. Ми рекоа дека после оперцијата нема да имам тешкотии и нема да имам проблеми со дишењето. Се сретнав со неколку девојчиња кои веќе се оперирани кај тој лекар, тие веќе се сосема исправени, а се со истиот проблем како мене. Ги гледам и се надевам дека и јас ќе се исправам, вели скромно Анѓела, која сакала да земе кредит, но тоа не е доволно за решавање на проблемот и затоа како што вели, два месеци се мислела дали да побара донации, бидејќи се срамела да бара, но откако добила храброст од лекарите, сепак, побара помош од хуманите граѓани.