Редовната вакцинација може да спаси човечки животи – сметаат експертите. Но според нив, податоците во земјава, особено кога се работи за вакцинацијата на децата се загрижувачки.
За кои вакцини всушност имаме најнизок опфат, како дезинформациите влијаат врз одлуката за вакцинација и како да се бориме против нив? Ова се само дел од прашањата за кои разговараме со д-р Кристина Ставридис, раководител на Одделението за имунизација и вакцино-превентабилни заболувања при Институтот за јавно здравје.
Каква е генералната слика за опфатот со вакцини во земјава? Дали имаме вакцини за кои е постигнат опфат од над 95 проценти?
-Па најнапред пред да почнеме да зборуваме за опфатот со вакцини сакам да потенцирам дека вакцинацијата во нашата земја се спроведува согласно законска и подзаконска регулатива и согласно календар за редовна вакцинација. На редовна вакцинација подлежат сите лица до 18-годишна возраст за кои вакцинацијата е бесплатна и задолжителна и тоа независно дали се осигурани или не се. Кога зборуваме за опфатот морам да напоменам дека во последните неколку години особено во годините поврзани со ковид пандемијата се соочуваме со низок процент.
Во текот на ковид пандемијата светот се соочи со едно историско уназадување во процесот на имунизација кое резултираше со намалување на глобалниот вакцинален опфат. Значи опфатот во целиот свет беше намален. Нашата земја не беше исклучок. После 20 години за првпат во 2020-та година е регистриран опфат под 90 % за примовакцинација со трите дози на оние вакцини коишто се примаат кај бебињата, а тоа се вакцината ДиТеПер, полио и хемофилус инфлуенца.
Во текот на 2023 година, опфатот токму со примовакцинацијата со овие три дози на вакцина, вклучително и хепатитот Б, бележи опфат понизок од 90 проценти. Меѓутоа, она што треба да нѐ радува е тоа што има зголемување во однос на 2021 и 2022 година. Вакво зголемување забележуваме скоро кај сите вакцини, меѓутоа опфатот е сѐ уште многу низок и под 95 проценти, односно за сите вакцини е под 90 проценти.
За кои вакцини имаме најнизок опфат и која е причината за скептичноста?
-Најнизок опфат и пред пандемијата и сега по завршување на пандемијата, се реализира за МРП вакцината и ХПВ вакцината. МРП вакцината обезбедува заштита од три заболувања, значи од мали сипаници, рубеола и заразни заушки. За МРП вакцината прво ќе кажам дека неоправдано се поврзува појава на аутизам кај децата со оваа вакцина. Причина за тоа е една студија спроведена во 1998 година, која предизвика загриженост за можна поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот кај дечињата. Подоцна било утврдено дека во оваа студија се направени сериозни пропусти, трудот бил повлечен од списанието во кое била објавена, а на авторот му е одземена дозволата за работа.
Меѓутоа штетата е направена и сѐ уште ги чувствуваме последиците од тоа. До денес направени се многу студии кои опфаќаат повеќе стотици илјади деца, но последиците си останаа. Докажано е дека не постои поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот, митот остана и загриженоста на родителите остана.
Во нашата земја опфатот со оваа вакцина за минатата година изнесува 73,4 проценти. Тоа е опфатот со првата доза. Со втората доза е значително повисок и е 87,7 проценти што укажува на фактот дека родителите многу почесто ја одложуваат отколку што ја одбиваат вакцината.
Во однос на ХПВ вакцината, таа кај нас е воведена во календарот како задолжителна уште во 2009 година. Меѓутоа, уште од самиот почеток на воведувањето ние се соочивме со низок опфат, а причина за тоа се многу митови кои не се научно издржани.
Ќе кажам само еден од нив – дека вакцината предизвикува стерилитет. Вакцината не може да предизвика стерилитет, меѓутоа инфекција што предизвикува ХПВ вирус, може да предизвика сериозни последици коишто може да доведат до долготрајно лекување и до последователен стерилитет.
Кои се најчестите дезинформации што се пласираат во јавноста кога се работи за вакцините и дали со замавот на социјалните мрежи се зголеми и нивното споделување?
-Веќе ги споменав најчестите митови за вакцините кај кои се соочуваме со најнизок опфат. Многу често се дезинформира и по однос на безбедноста на вакцините што директно влијае на довербата во вакцините, а индиректно на одбивањето на вакцинацијата што пак, придонесува за намалување на вакциналниот опфат.
Морам да напоменам дека издавањето дозвола за употреба на една вакцина подлежи на многубројни и опсежни тестирања кои се прават со цел да бидеме сигурни дека вакцината е безбедна и ефикасна. Во нашата земја секоја серија на вакцини одделно се контролира и за секоја посебно се дава одобение за употреба. Откако вакцината ќе влезе во употреба, нејзината безбедност продолжува да се следи. Токму поради тоа и се препорачува сите невообичаени реакции по вакцинацијата да се пријават. Многу е побезбедно да се прими вакцина, отколку да се добие болест. Имунолошкиот одговор којшто се стекнува со вакцините е сличен на оној што го предизвикува природната инфекција, меѓутоа цената што може да се плати со прележување на болеста може да биде огромна.
Дезинформација која исто така е честа, е дека не е потребна вакцинација за болести коишто не се присутни во земјата. Како на пример, за полиомиелитот.
Полиомиелитот кај нас е редуциран уште во 2002 година меѓутоа вакцинацијата продолжува да се спроведува затоа што во некои делови од светот, а тоа во моментот се само Авганистан и Пакистан има поединечни случаи на ова заболување, меѓутоа било каде и во било кој регион сѐ додека постои заболување, постои и опасност за импортирање и проширување на болеста.
Затоа се продолжува да се вакцинира.
Која е последицата од ненаучните информации по здравјето на луѓето?
-Сите тие дезинформации водат кон намалување на вакциналниот опфат, до губење на довербата во вакцините. А тоа се одразува директно на појава и враќање на подзаборавени болести. Сето тоа може да доведе до пораст на морбидитетот, морталитетот и појава на епидемија на болести кои успешно можат да се превенираат со вакцинација.
Целосното интервју слушнете го овде:
Овој материјал е подготвен од страна на Радио Канал 77 во рамките на проектот „Дезинформации – креативно замаглување на умот” поддржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.