Сите три концерти на Тејлор Свифт во Виена, кои требаше да се одржат денеска, утре и задутре, се откажани откако полицијата уапси двајца мажи осомничени дека го планирале нападот, а еден од уапсените е од Македонија. Според австриските медиуми бил планиран бомбашки напад.
Генералниот директор за јавна безбедност Франц Руф изјави дека 19-годишниот австриски државјанин бил уапсен во средата наутро во Терниц, во провинцијата Долна Австрија, пренесува индекс.хр
Според австриските медиуми, родителите на младиот човек се од Македонија, а тој се радикализирал на интернет. Дер Стандард пишува и дека тој би можел да биде психички нестабилен и дека украл хемиски супстанци од својот работодавец.
„Според моменталната состојба на истрагата, двајцата осомничени се радикализирани на Интернет“, рече Руф. Тој додаде дека 19-годишникот положил „заклетва за верност“ на Исламската држава на почетокот на јули.
Според информациите на австриските медиуми, двајцата овој луд чин го договарале со шифрирани пораки.
Голема полициска акција била спроведена во Терниц, каде живеел 19-годишникот. Неколку околни куќи беа евакуирани додека се пребарувала неговата.
Руф рече дека се пронајдени хемиски супстанци и дека во моментов се анализираат. Според полициски извори, планот бил да се направи бомба.