Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против четворица полициски службеници кои не презеле мерки согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата против возач кој се движел со брзина од 272 километри на час, туку учесникот во сообраќајот бил само предупреден.
-По извршените проверки, преглед во службениот материјал и увид во видео снимките од радар за ден 06.05.2024, констатирано е дека двајца полициски службеници, постапувајќи по наредба за мерење на брзината на движење на возила со радар на автопатот Скопје-Велес, констатирале сообраќаен прекршок, односно измериле брзина на движење на моторно возило „порше” од 272 километри на час, на место каде движењето било ограничено на 120 километри на час со сообраќаен знак, информират од МВР.
Наместо да изготват записник за констатиран прекршок и прекршочен платен налог, имајќи предвид дека за ваков вид на прекршок согласно член 36 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е предвидена глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност и забрана за управување со моторно возило од шест до 12 месеци, на сторителот му изготвиле само предупредување за сторен сообраќаен прекршок.
-Началникот на Мобилна единица за безбедност на сообраќајот на патиштата побарал од началникот на Оддел за униформирана полиција – Сектор за сообраќајни работи да не биде напишана казна за сторениот прекршок, поради што началникот на Оддел за униформирана полиција – Сектор за сообраќајни работи извршил влијание врз полициските службеници да не констатираат прекршок по член 36 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, туку само да изречат предупредување. Против четворицата полициски службеници поднесен е и предлог за поведување на постапка за потешко кршење на работниот ред и дисциплина, се вели во информацијата од МВР.