Лалита Каџи Кумар (50) била пронајдена во шума во близина на селото Сонурли во саботата наутро. Таа била врзана за дрво со синџир, пишува Daily Mail.
Кумар потоа била однесена во блиската болница во критична состојба. Била сериозно дехидрирана, не можела да зборува и веројатно не јадела со денови.
Не е познато колку долго Кумар била во џунглата бидејќи областа се соочува со обилни дождови во последните неколку дена. Според индиската телевизијата, Кумар им кажала на истражителите дека нејзиниот поранешен сопруг ја врзал за дрво. Тврдела и дека со денови била без храна.
Полицијата отворила истрага за обид за убиство против нејзиниот поранешен сопруг, а тој се соочува и со други обвиненија.
„Сега е надвор од животна опасност. Лекарите кои ја лекуваа рекоа дека има психички проблеми. Кај неа најдовме рецепти за лекови“, изјави претставник на полицијата.
Официјалните лица велат дека жената сега е добро, но ќе остане под опсервација.
Кумар е родена во САД, но извесно време живеела во индиската држава Гоа. Официјалните лица се обидуваат да утврдат со кого била во контакт во изминатите неколку месеци.
Властите пронашле фотокопија од нејзиниот американски пасош и нејзината национална лична карта. Официјалните лица, исто така, рекоа дека нејзината „виза е истечена“.