Во деновите кога доминираат црните слики од пожарите кои пустошат низ државата, веста за успехот на Лука Хаџи Јорданов беше доза позитива во мрачните времиња. Математичарот Хаџи Јорданов успеа да се најде на листата на стипендисти – магистранти на најстариот европски универзитет Сорбона од Франција, откако се издвои од групата од 44 кандидати кои влегоа во потесен избор. За неговиот успех доволно говори податокот дека во 2022 година имало 1023 апликации, а биле примени помалку од 5% од кандидатите, кои успеале преку стипендии да влезат на Сорбона.
Лука можеше да избира меѓу Сорбона и Оксфорд, кој е трет универзитет по математика, каде исто така беше примен со стипендија. Меѓутоа, како што самиот вели во емисијата „Стадион“ на Канал 77, надвладеала Сорбона, која е светски позната по признати математичари, но и по тоа што, како што вели Лука, е попристапна со грижата за студентите, а Париз е академски град.
-Тоа е стипендија, која покрива трошоци за студии, обезбедува сместување, Париз е академски град и имаат многу стипендии за секој факултет и за секоја област. Не беше лесен избор меѓу Сорбона и Оксфорд, некако повеќе ми се допаѓа програмата на Сорбона. Флексибилен е во јазикот на студирање, а исто така и во избор на предметите. Не е некоја фиксна програма, иако имам избрано кој ми е мастерот, но имам голема флексибилност во избор на предметите. Поделена е програмата во шест квартали , со по шест недели предавања, после една недела испит. Во секој квартал имам 15 премети од кој можам да изберам. Доста од тие предмети имаат варијанта да бидат предавани на англиски јазик и да полагам на англиски. Скоро сите предмети може да се слушаат на англиски, со мали исклучоци, професорите сите раб на англиски. Но и тоа толку не е проблем бидејќи математиката е иста на сите јазици, рече Лука Хаџи Јорданов.
Ова е првпат Македонец да влезат во оваа програма, која работи од 2010 година. Лука Хаџи Јорданов дипломирал теориска математика на Математичкиот факултет при Универзитетот во Белград, највисоко рангираниот универзитет на Балканот по Шангајска листа. Четиригодишните студии ги завршил за 3 години со 10.0 просек, додека последните 18 испити (од 40 вкупно) ги положил во рок од 6 месеца. Со тоа, е единствениот студент во Србија што успеал да го постигне ова откако постои Болоњската декларација во оваа земја од 2003 година. Додека учел во основно и средно образование во Скопје, учествувал на околу 50 Олимпијади по математика и има рекорд во освојување на награди со 30 освоени медали.
На прашањето што е пресудно еден ученик да ја засака математиката, Хаџи Јорданов вели дека програмите треба да се попристапни, а исто и професорите, кои се’ помалку ги има. Во неговиот случај, математика го подучувала неговата мајка и веќе во прво одделение можел да решава системи и равенки со две непознати.
-Не до толку дека е вроден афинитетот кон математика. Мене почетокот ми беше одземање и собираање на што ме учеше мајка ми. Во прво одделение знаев да решавам системи, линеарни равенки. Мајка ми вложи труд и тоа го правеше на систематски начин и тоа доста му помогна да ја засакам математиката и да продолжам понатаму. Претпоставувам дека на многу ученици прв допир со математиката им бил во образовниот процес и ако им се погоди „тересе“ професор, не успеале да научат, вели Хаџи Јорданов.
Тој објаснува дека уште од основно одел на дополнителна настава, имал и активности по училиште, дополнително учел повеќе математика за да се научи или за натпревари што било пристап на неговото училиште и на наставниците кои вложувале повеќе труд .
-На математиката се гледа како баук. Треба да има поприемчив начин на претставување на математиката. Ако има некој подобар пристап на предавање од основно, ќе има подобар прием на математиката, смета Хаџи Јорданов.
Како добар пример на наставна програма, ја смета српската, која е комбинација на југословенската школа надополнета со методи од руската. На тој начин се создаваат поголем број на математичари од македонските универзитети, каде се запишуваат по 5-6 во генерација.
-Мојата генерација во Белград бевме скоро 200 студенти во 6 модули. Има еден модул програмерски, но ако не го гледаме тој програмерскиот, има 100 студенти по математика. Белградскиот универзитет е можеби најдобриот на Балканот за математика, дури и кога се споредува со некои западноевропски универзитети. Не знам која е причината, таа програма е според некоја руска интензивна програма. Има доста предмети за кои користиме компјутер, доста програмерски предмети, 6 можеби. Но, тоа што било – дали од таа руска школа, српска од Југославија, е предизвик за студентите и квалитетна програма, кажа Хаџи Јорданов.
Смета дека треба да се посветува поголемо внимание на децата, кои и лани и оваа година се враќаат од светските Олимпијади со медали.
На прашањето дали вештачката интелигенција може да ги замени математичарите, вели дека е скептик во блиско време. Можеби во шахот, каде може да пресмета доволно добро за да игра подобро од луѓето, но во математиката има пресметковна комплексност карактеристична за човековиот ум, па дури и интуиција, поради што во некој момент точно се знае што да се направи.
Лука Хаџи Јорданов е пред една година магистерски студии, по што следни се двегодишните докторски студии, најверојатно пак на Сорбона. Целта му е науката, бидејќи како што вели, ако сакаш да си добар математичар треба академска наобразба и потоа дополнителна специјализација.