МВР го потврди инцидентот, кој се случил денеска околу 10 часот на Меѓународниот аеродром Скопје додека претседателката на Косово поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж.
Но, потоа сепак багажот бил вратен и поминал низ скенер. По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши(полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката.
„При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин. Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, соопшти МВР.
Од другата страна, од прес службата на претседателската на Косово, Вјоса Османи, вината за инцидентот се префрла на службениците на аеродромот. Претставникот на претседателката за медиуми, Беким Купина, вели дека спротивно на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи, обезбедувањето на скопскиот аеродром се обидело да го земе личниот телефон на претседателката.
„Претседателката не дозволи такво нешто, бидејќи тоа би било сериозно прекршување. И покрај образложението на правилата што тимот на претседателката му ги соопштил на аеродромскиот службеник, тој се обидел физички да го турне претседателот, при што косовската полиција била принудена да реагира за да го отвори патот. Ваквото однесување на македонскиот аеродромски службеник е спротивно на секоја меѓународна практика, според која шефовите на држави кога патуваат, тие се заштитени со дипломатски привилегии и имунитет“, се вели во соопштението на Купина.
„Прекршувајќи ги овие правила, македонската страна му ја одзеде личната чанта на претседателката. Иако тоа беше спротивно на правилата, тимот на претседателката го дозволи тоа за да може претседателката да влезе на аеродромот, поточно во ВИП салонот, кој беше резервиран со усна нота од нашата амбасада, како што е практика за патувањата на шефовите на држава. Но, од безбедносни причини не е дозволено предавање на личниот телефон на кој било начин. Арогантното и насилничко однесување на службеникот на скопскиот аеродром е без преседан и никогаш не се случило на ниту едно патување на претседателката никаде во светот, вклучително и во земјите кои не ја признаваат“, се додава во соопштението.
Османи го известила претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, на кого му се заблагодарува за укажаната помош.
За инцидентот се огласи и ТАВ, кој стопанисува со скопскиот аеродром, демантирајќи ги написите дека настанот се заканувал по безбедноста на патниците.
„Во согласност со Законот за воздухопловство и меѓународната законска регулатива која се однесува на обезбедување на цивилното воздухопловство, ТАВ Македонија како аеродромски оператор има законска обврска за спроведување на безбедносен преглед на сите патници, багаж и стоки на летовите од Меѓународниот Аеродром Скопје и од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, вклучувајќи ги и патниците кои патуваат преку ВИП-салонот.Оттука, Одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија, постапувајќи во рамките на своите овластувања спроведе стандардна безбедносна проверка на споменатиот патник како и на неговиот багаж, на пунктот за безбедноста проверка во ВИП- салонот, со цел обезбедување на конкретниот комерцијален лет“, соопшти ТАВ.
Од ТАВ додаваат дека авијациската безбедност не беше загрозена, поради тоа што споменатиот инцидент се случи во јавната зона на аеродромот, односно пред пунктот за безбедносна проверка на ВИП-салонот од каде ВИП-патниците откако ќе бидат проверени од Обезбедувањето се упатуваат во безбедносно-контролирана зона на аеродромот.