Хакерски напад од Македонија влијаеше врз изборните резултати во Венецуела, каде изминатиот викенд се одржаа Претседателски избори. Државниот обвинител на Венецуела Тарек Вилијам Сааб рече дека хакери со седиште во Северна Македонија навлегле во системите на нејзиниот Национален изборен совет (CNE) во обид да „манипулираат со резултатите“ против социјалистичкиот претседател Николас Мадуро. Според CNE, Мадуро добил 51% од гласовите од вкупно 132%.
Оваа информација беше пренесена во повеќе македонски медиуми без да се направи дополнително истражување, повикувајќи се на информациите во Венецуела.
Меѓутоа, ова останува на тврдење на политичарите и венецуелските власти, кои дополнуваат дека истрагата која ја покренаа, треба да ги докаже тврдењата.
Експертот по сајбер безбедност, Божидар Спировски, сподели дека денес е лесно да се “закупат” хакирани компјутери на интернет. Криминалците ги хакираат, оставаат агент за далечинска контрола и потоа го продаваат пристапот до ваквите хакирани компјутери на други криминалци. Спировски објаснува дека хакер со план да нападне изборен процес во држава, секако ќе употреби вакви “закупени” ресурси во повеќе држави. На тој начин ќе обезбеди да не го лоцираат, да не биде достапен до органи на прогонот ако ги лоцираат IP адресите, и да остане анонимен.
„Изборен процес во една држава трае долго, со фиксни датуми и термини. Ова му дава на хакерот огромно време да се подготви, испланира доволно слоеви на изолација, автоматизација и контрола за да остане невидлив и неговиот напад да не биде блокиран со неколку IP адреси. Со сите можности за подготовка, ако навистина има напад од IP адреси од Македонија, веројатно имаме хакирани приватни компјутери кои биле “изнајмени” на криминалец кој седи во некоја друга држава. И веројатно не се единствените IP адреси од кои се случил нападот, објаснува Спировски.
Зборувајќи за тврдењето на властите на Венецуела, кои не кажаа ништо друго освен тврдењето и дека покренале истрага, додава:
„Ете, стасавме до темата “факти”. Не дадоа информација дали се обратиле, дали пријавиле во Интерпол, во RIPE, кои IP адреси…? Немајќи факти, стасуваме до “можеби”, “требало” и слично. Шпекулациите се политичка замка. Јас барам да не паднеме во неа“, вели Спировски.
Коментираше и министерот за дигитално општество Стефан Андоновски дека освен наводите на властите во Венецуела, „авторитарниот режим“ во Каракас не приложил никаков доказ, поради што внимателно се следи процесот.
Машинскиот инжинер Иванов и даночникот Илиеска, а не синот на екс претседателот и сопругата на Бетмен се новите директори на МЕПСО
Исто име и презиме на едниот и речиси исто презиме на другиот, донесе уште една дезинформација во јавноста. Партијата СДСМ информираше дека во новиот Управен одбор на МЕПСО, чии членови се во исто време и директори во компанијата, се синот на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, Иван Иванов, како и сопругата на водителот на ТВ Алфа, Богдан Илиевски, Анастасија Илиевска, која е исто така новинарка.
„Владава се многу и боља, синот на Ѓорѓе Иванов поставен во управен одбор на МЕПСО. Политиколог ќе управува со енергетска компанија“, пишува корисник на мрежата Х.
„Синот на Ѓорге Иванов и сопругата на Бетмен директори во МЕПСО. Фала ВМРО“, пишува друг корисник на Х.
Следеше прес конференција на СДСМ, а потоа и реакција од ВМРО ДПМНЕ.
„Прв и најскандалозен избор е изборот на синот екс претседателот Ѓорѓе Иванов, Иван Иванов, за член на надзорниот одбор на МЕПСО. Тој е дипломиран политиколог и нема никаква допирна точка со она што ќе треба да го работи. Понатаму, во МЕПСО е згрижена и сопругата на главниот ТВ водител и пропагандист на ВМРО-ДПМНЕ Богдан Илиевски, Анастасија. Човекот кој жолчно ги брани секојдневно политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше водач на насилните протест на 27 април, сега конечно наплатува за своето слепо слугување на партијата“, рече портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
„Станува збор за комплетно различни личности, кои немаат никаква допирна точка со Иванов и Илиевски“, соопшти ВМРО ДПМНЕ.
Новоизвраниот член на Управниот одбор на МЕПСО Иван Иванов е машински инженер од Кочани, кој својот работен век го има поминато во Телеком, а беше и пратеник од овој град од редовите на ВМРО ДПМНЕ.
Анастасија Илиеска, која го потврди својот извор во УО на компанијата, живее во Прилеп и работи во Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи како даночник. Дел од својот работен век има поминато и во Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според тоа, се работи за различни имиња, кои немаат врска со новинарката и синот на претседателот, и двајцата политиколози по образование.
Има ли простор за бес кај црквата по церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз?
Исмејување на православието, беа првичните реакции на повеќе високи челници на православните цркви низ светот, па се’ до обични граѓани, кои беа револтирани на приказот на портрет во живо со танчери, драг кралици и диџеј, кои позираат на начин на кој некои тврдат дека ја прикажува Тајната вечера на свеченоста на отворањето на Олимписките игри во Париз. Многумина ова го протолкуваа како непочитување на религиозните верувања, а грчката патријаршија Фенер ја осуди Олимписката церемонија во Париз 2024 за навреда на христијанството. Глобалната христијанска организација побара објаснување од МОК за пародијата на Тајната вечера. „Христијаните се згрозени, згрозени од исмејувањето на нивната вера“, соопшти Светскиот совет на црквите.
Меѓутоа, како што рече режисерот Томас Џоли, уметнички директор на церемонијата, се работи за ставање на настанот во погрешен котекст. Контроверзната сцена на церемонијата прикажува пагански фестивал, а не „Тајната вечера“ на Леонардо да Винчи. Џоли изјави дека сцената е инспирирана од Дионис, грчкиот бог на виното, а не од Исус.
„Дионис е првиот што пристигнува на масата. Зошто Дионис? Затоа што Дионис е богот на прославите и виното во грчката митологија и татко на Секуана, божицата на реката Сена. Овде, идејата е голем пагански фестивал поврзан со боговите на Олимп“, рече Џоли.
Дезинформациите не запреа овде. Корисниците на социјалните мрежи го искористија јавното бранување по отворањето на Игрите, за да споделат видео за кое тврдат дека прикажува христијански верници кои протестираат против Олимпијадата.
„Француските христијани вечерва масовно протестираат против исмејувањето на Исус и последната вечера за време на церемонијата на отворање на Олимпијадата“, се вели во пост на X од 28 јули 2024 година во кој се прикажани илјадници луѓе кои носат свеќи додека ја пеат „Химната на Лурд“ (Безгрешна Марија) .
Се работи за стара снимка, снимена во Лурд, Франција за време на прославата на Католичкото Успение во 2022 година.
в.к.