Царинската управа во јули наплатила вкупни приходи од 11,9 милијарди денари, односно 195 милиони евра, што е за 16,6 отсто повисок износ во споредба со истиот период во 2023 година. Управата соопшти дека ова е највисок износ на наплатени приходи реализирани на месечно ниво од нејзиното постоење.
Директорот Бобан Николовски во допис до медиумите истакнува дека уште на првиот ден од неговото назначување на раководната функција ветил, како што вели, „испорака на видливи и брзи резултати“.
-Оваа порака ја споделив со сите вработени во Царинската управа и побарав максимален ангажман од нивна страна и професионализам на сите нивоа. Првите резултати ги гледаме денес, кога бележиме рекордно највисок износ на наплатени приходи реализирани на месечно ниво од постоењето на Царинската управа. Овој резултат нека биде мотив за сите царински службеници за уште поголеми напори за подобри резултати во сите сфери на царинското работење и во иднина, наведува Николовски.
Царинската управа во соопштението посочува дека останува фокусирана на преземање мерки и активности во насока на зголемена финансиска дисциплина и наплата на приходите од сите учесници во царинските постапки.
-Тоа ќе резултира со подобрување на состојбата на буџетот на државата, а со тоа и подобрување на животниот стандард на граѓаните, наведува во соопштението.