Поранешниот претседател Доналд Трамп синоќа лажно тврдеше дека потпретседателката Камала Харис пред само неколку години „станала црнкинка“, велејќи дека „одеднаш, направила пресврт“ во својот расен идентитет.
Тој изјави дека до неодамна таа го нагласувала своето азиско-американско потекло, а потоа одеднаш станала црнкинка. – Не знаев дека е црнкинка до пред неколку години кога одеднаш ‘поцрне. Сега сака другите да ја доживуваат како црнкинка. Па сега не знам – дали е Индијка или е црнкинка?“ рече Трамп на конвенцијата на Националното здружение на црните новинари во Чикаго.
Харис е првата црна и азиско-американска потпретседателка. Мајката на Харис е Индијка, а таткото Јамајканец; и двајцата имигрирале во САД. Харис е родена во Оукланд, Калифорнија, и посетувала историски црн универзитет, Универзитетот Хауард, во Вашингтон. каде и се придружила на претежно црнечкото сестринство Алфа Капа Алфа.
Ова не е првпат Трамп да ги напаѓа своите противници врз основа на раса. Претходно тој лажно го обвини Барак Обама, првиот црн претседател, дека не е роден во САД. Исто така, ја нападна поранешната амбасадорка во ОН и неговата републиканска противкандидатка Ники Хејли, лажно тврдејќи дека таа не може да биде претседателка бидејќи нејзините родители не биле американски државјани кога се родила.
Во меѓувреме, Харис реагираше на изјавите на Трамп и изјави дека се работи за „веќе видена претстава“. – Американскиот народ заслужува подобро. Заслужуваме лидер кој разбира дека нашите разлики не не делат, туку се важен извор на нашата сила, изјави таа на состанокот на црнечкото сестринство Сигма Гама Ро во Хјустон, пренесува Би-Би-Си.
Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, издаде остар одговор на изјавите на Трамп, нарекувајќи ги „одвратни“ и „навредливи“, пренесува Си-Ен-Ен.
„Како личност од боја – како црна жена, која е на оваа позиција пред вас на оваа говорница, зад оваа платформа – она што тој го рече, она што ми го прочитавте мене, е одвратно. Тоа е навредливо, и, знаете, никој нема право да му каже некому кој е, како да се идентификува“, изјави Жан-Пјер на барањето на новинарите за коментар.