Пожарите во околината целосно го зачадија Штип. Особено последните неколку дена по пожарите во Овчеполието, кои со брзина се префрлија на ридовите на селото Балван, на границата меѓу двете општини – Штип и Карбинци. Ноќеска не можеше да се отвори прозорец, додека со денови саги и црни остатоци од изгорена вегетација завршуваат на терасите, возилата, домовите на штипјани.
Денеска мерната станица за амбиентален воздух на лабораторијата Амбиком на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, покажува средна вредност од 77,3 PM 10 честички на микрограм кубен. Ова е просечна вредност за 24 часа, меѓутоа, како што објаснуваат од лабораторијата, во еден момент, во текот на ноќта, биле регистрирани и до 150 µg/m³. Дозволената вредност е до 50 µg/m³ PM 10 честички.
-Се регистрираат високи вредности на PM 10, што е невообичаено за Штип. Не се случило да имаме повеќе од 20 дена годишно со натпросечни вредности, како што тоа е годинава. Вчера имаше пикови и до 150 µg/m³ PM 10 честички. Препораките до граѓаните е да не се движат надвор и да ги измијат со вода површините со остатоци од согорувањето, изјави проф. д-р Дејан Мираковски, експерт за амбиентален воздух и ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Професор Мираковски додава дека станицата во Штип не е прилагодена за мерења при пожари и не го мери присуството на јаглерод моноксид што е карактеристичен за услови на пожари.
Јаглеродот моноксид е безбоен, запалив гас без мирис што при пожари се создава при согорување на биомаси. Зголемените количества на овој оксид имаат особено негативно влијание врз нервниот и врз кардиоваскуларниот систем кај човекот. Може да доведе до појава на јаки главоболки, задушување и труење, и смрт. Овој оксид ги нарушува процесите на оксидација во клетките.
Штип речиси цел месец е под облаци чад по големиот пожар на Серта, а сега и со огновите во Овче Поле и во Карбинско. Засега ниту една локална институција не излезе со препораки, во надеж дека ќе заврне дожд и ќе ги изгаси пожарите.
В.К.