„Ниедно дете да не се изостави во борбата против трговијата со луѓе” – е пораката со која глобалната заедница се обединува по повод Светскиот ден на борба против трговијата со луѓе.
Ова го посочуваат од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје од каде повикуваат на поголеми инвестиции во заложбите за спречување на експлоатација и злоупотреба на децата и за почитување на нивните права на заштита.
И покрај тоа што децата-жртви на трговија со луѓе често остануваат неоткриени и непријавени ширум светот, достапните податоци од Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, што опфаќаат две децении (2001-2021), покажуваат дека децата сочинуваат 70 отсто од жртвите во Северна Македонија.
Оваа бројка значително го надминува глобалниот просек, според кој речиси една третина од сите идентификувани жртви на трговија со луѓе се деца. Просечната возраст на децата-жртви во земјата е 15 години, при што девојчињата страдаат несразмерно повеќе и се подложени на двојна експлоатација: и сексуална и трудова – предупредија денеска од УНИЦЕФ.
Ваквата алармантна распространетост која особено ги погодува младите девојки, го нагласува загрижувачкиот тренд што се влошува во дигиталната ера. Трговците со луѓе во светот го искористија технолошкиот напредок за да оперираат во поголема тајност и да ја зголемат својата профитабилност. Националната подгрупа за борба против трговија со деца известува дека трговците со луѓе сè повеќе ги намамуваат децата со помош на технологијата, преку меѓународно организирани криминални групи и онлајн предатори.
Иако националните партнери постојано вложуваат напори за заштита на децата од трговија со луѓе, состојбата налага поголема заложба и повеќе инвестиции за подобрување на превенцијата, заштитата, прогонот на сторителите и склучувањето партнерства.
Трговијата со деца може да се спречи, а на децата што преживеале злоупотреба мора да им се понуди заштита и пристап до правда. Децата жртви на трговија со луѓе доживуваат незамисливи ситуации и често се изложени на тешка експлоатација и злоупотреба. Неоткриени и незаштитени, тие се невидливи, лишени од грижа и поддршка, обесправени и пречесто заробени во мачен циклус на злоупотреба и експлоатација што продолжува дури и кога ќе станат возрасни.
Преку обучување на стручните лица на теми од областа на детската заштита и правосудниот систем, УНИЦЕФ има за цел да обезбеди грижа за децата кои биле жртви на трговија со луѓе што ќе се раководи од нивната доживеана траума и дополнително ќе го подобри управувањето со податоците за случаите на трговија со деца.
Само преку заеднички и засилени напори земјата може да ги заштити сите деца и да не изостави ниедно дете во борбата против трговијата со луѓе – додаваат од УНИЦЕФ.