Министерството за јавна администрација (МЈА) ги повлече од собраниска процедура Предлог-законот за административни службеници, Предлог-законот за вработени во јавниот сектор и Предлог-законот за стручно усовршување и обука на административните службеници поднесени од претходната влада и отвора широка дебата за овие закони во рамки на кампања под мотото „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска соопшти дека оваа обврска е согласно донесениот Закон за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа со која и се формира ова Министерство, а целта е да добие мислења и сугестии од сите засегнати страни.
– Почнувајќи од утре, МЈА организира процес на консултации преку организирање на кампања под мотото „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“. Оваа кампања е доказ за колективната посветеност на Владата за зајакнување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на јавната администрација во нашата земја, рече Минчев.
Тој информираше дека од вчера Предлог-законите се веќе објавени на ЕНЕР каде може да дадат предлози, сугестии, мислења.
Јавна дискусија за клучните предизвици со кои се соочуваат институциите од јавниот сектор во земјава, во рамки на кампањата, ќе се организираат во партнерство со Центарот за управување со промени и со поддршка на Британската амбасада и амбасадорот Метју Лосон и на НЕТ-фондот.
Првата јавна дискусија ќе се одржи утре, а меѓу темите во делот на Предлог-законот за стручно усовршување и обука на административните службеници се формирањето на Агенција за стручно усовршување, обука на административните службеници и примената на принципите на единствен административен простор т.н. ЕАП во националната администрација.
Ќе се организираат повеќе дебати за трите закони, а целиот процес, како што рече Минчев, треба да заврши за два месеца, односно до крајот на септември, затоа што имаме бенч марк овие закони да се вратат повторно во Собранието и да почнат да се применуваат од 1 јануари следната година.
Во контекст на најавата за намалување на администрацијата за 10 отсто, Минчев вели дека токму тоа е и причината за отворање на ваков тип на дебата, но оти не би сакал пред самиот почеток на дебатата да шпекулира за начинот како тоа ќе се прави и дали воопшто ќе се прави и оти по дебатата ќе се донесат конечни решенија.
-Во овој момент не би сакал да прејудицирам на завршните верзии на законите. Тогаш не би била дебата. Ние правиме една отворена дебата за разлика од претходната влада која што на брза лента со европско знаменце во рок од три дена ги предложи овие актуелни закони. Кога велам сите засегнати страни, мислам на сите засегнати страни, вклучувајќи ги и синдикатите, граѓанските организации, невладините организации, секако како носител е МЈА, но тоа се однесува на повеќе министерства во рамки на Владата, рече Минчев.
Во однос на тоа колку ќе чини кампањата, нагласи дека во овој момент ова ново Министерство се уште нема свој буџет, па првата дебата е под покровителство на Центарот за управување со промени и на британската Амбасада.
Очекува на 15 август на собраниската седница да се усвои буџетот за ова Министерство и во рамки на тој буџет да имаат скромна и ефикасна кампања која нема да чини многу.
МИА