Доаѓа септември, а со него и домашната традиција на правење ајвар. Замислете уште првата есен по евентуалното пристапување кон ЕУ да треба да се збогуваме со оваа пракса, карактеристична за нашиот народ. Ајварот со години е дел од листата на аргументи на скептиците за членството во Унијата, кои тврдат дека тоа ќе значи крај и за варењето ракија, а камоли за говорењето на македонскиот јазик.
Ваквите своевидни аргументи дополнително ги подгреваат дезинформациите кои се чини, не заобиколија ниту едно од поглавјата на Европската унија. Но што всушност ќе значи членството за нашите традиции, односно дали воопшто има поврзаност меѓу нив?
На оваа тема разговараме со аналитичарот Андреја Стојковски.
Зачленувањето во Европската унија често е дел од реториката на македонските политичари. Во морето вести кои доаѓаат до јавноста, кои се најчестите дезинформации во однос на нашето пристапување?
-Веројатно тие премногу долго се наоѓаат во јавноста како говори или обраќања на македонските политичари, меѓутоа исто така веројатно и недоволно соодветно се третираат. Ако бараме дезинформации, тогаш не би можеле да избегнеме ниту еден период од осамостојувањето на Македонија до денес. Дел сум од процесот од 2000-та година па наваму, тогаш зборувавме за митови и легенди за пристапувањето во ЕУ, денес веќе истите тие митови и легенди ги нарекуваме дезинформации.
На пример, можноста да заколите свиња во домашни услови и да го користите месото; можноста да печете ракија во домашни услови и да ја користите. Тоа се веројатно некои основни дезинформации кои во минатото се нарекуваа митови. Денес среќаваме многу поинакви од типот на „ЕУ е целосно затворена за прием на нови членки“, до најновата која ја пласираше актуелната власт за време на изборната кампања, а тоа е дека по смената на Владата ќе има репреговарање и дека ќе се промени преговарачката рамка.
Како дезинформациите влијаат врз евроскептицизмот кај граѓаните?
-Најнапред да разграничиме една работа, а тоа е дали има евроскептицизам или станува збор за некој друг тип на чувство.
Јас повеќе верувам дека станува збор за друг тип на чувство. На пример, мислам дека нашите граѓани веќе се заморени од тоа колку долго ние пристапуваме, а сѐ уште не сме членка на Унијата. На пример, евроскептицизмот претпоставува дека имате некакви здрави и критички погледи или барате дополнителни информации и се обидувате да погледнете на работите од друга страна. Затоа велам, повеќе може да зборуваме за замор, а не за евроскептицизам. Меѓутоа, за негативни чувства на граѓаните кон ЕУ, одбивање за пристапување или пак, поголема недоверба кон ЕУ, дефинитвно може да направиме корелација помеѓу различниот тип на дезинформации коишто се пласираат во јавноста и чувството на граѓаните коешто го имаат. Се разбира, не смееме да заборавиме на придонесот на самата ЕУ и на должината на нашето пристапување.
Како властите би можеле да се борат против ваквите дезинформации? И не само централната, туку и локалните власти кои често користат европски пари за спроведување на проекти од повеќе области?
-Најнапред треба да очекуваме искрен пристап на било која власт кон ЕУ и пристапувањето особено кон користењето на европски пари за проекти кои се за добро на нашиот пристапен процес. Не можете да очекувате некој да ви даде помош која често завршува во пари или пак, се претставува во парична поддршка за спроведување на одредени процеси кои треба да придонесат за наша трансформација како држава, а потоа да ги напаѓате истите тие донатори и да велите дека тие ви се мешаат во внатрешните работи. Тоа е едниот начин којшто било која власт би можела да го преземе или да го прифати како начин за правилно користење на средствата.
За да бидам доволно јасен, би морал да кажам дека не смееме ова да го гледаме само како пракса или како напад којшто власта можеби го има кон некои донатори, туку како модел на однесување којшто подоцна го пресликуваат самите граѓани.
Изминатиот период се појавија повеќе дезинформации во врска со земјите од ЕУ, а меѓу нив и онаа дека Германија и воопшто Унијата не го признаваат македонскиот јазик. Како би го коментирале ова?
-Досега во изминатиот период главно дезинформациите поврзани со ЕУ и сите прашања или аспекти на нашиот идентитет беа фабрикувани во рамките на одредени политички субјекти. Мислам дека за мене, но и за голем дел од нашите граѓани ова е апсурд, но има сѐ уште граѓани кои подлегнуваат на ваквиот тип дезинформации. Мислам дека е смешно да очекувате Германија или било која друга држава тоа постојано да го корегира и да ги демантира ваквите креатори на дезинформации.
Ако се сеќавате, имаше еден пратеник кој во моментот е избран за потпретседател на Парламентот и тој се служеше со ваков тип на дезинформации па потоа се јавуваа државите членки за да демантираат. Тоа не е убава пракса. Не можете да очекувате дека тоа постојано ќе се случува. Треба да има одговорна власт, без оглед од која политичка партија е, и одговорни политичари кои ќе се обидат да го заштитат нашето пристапување затоа што тоа е нашиот повисок интерес отколку интересот на одредени политички субјекти.
Дезинформациите одеа и во насока на уништувањето на македонските традиции, па тука ги имавме тврдењата дека кога Македонија ќе влезе во ЕУ ќе се изгубат традициите и обележјата на македонскиот народ и идентитет, или нема да може да се вари ракија, да се прави ајвар…
-Ова е сега веќе смешно, затоа што во почетокот на овој век за вакви дезинформации зборувавме како за митови. Во граѓанскиот сектор правевме активности со кои објаснувавме што во суштина се случува и зошто ЕУ одредува или регулира одредени процеси кои ги објаснуваме и поврзуваме со наши традиции. Ако треба да ги третираме како важна традиција или како одбележје на идентитетот тогаш најдобро е да се потсетиме на мотото на ЕУ – Обединети во разликите.
Секоја ваква карактеристика е различна, а ако Македонија сака да го заштити правењето на ајварот или пак одредени типови на ракија, тогаш треба да стане членка на ЕУ пред која било друга држава од регионот за да не се соочиме повторно со заштитен процес или со друга сличност.
Пред неколку недели видов објава на Taste atlas, каде што се рангираа најдобрите мезиња или макала. Во најдобрите на трето место беше лесковачкиот ајвар, а на петто беше македонскиот. Е сега, дали ќе се соочиме со уште една изгубена шанса да го прикажеме ајварот како дел од нашата култура или дел од нашиот идентитет, Унијата не се занимава со регулирање на ова и нема да ни забрани ништо од ова, сѐ додека производите коишто ги произведуваме, ги користиме за сопствена употреба.
Унијата се грижи за здравјето на сопствените граѓани и регулира како во рамките на заедничкиот пазар, производи коишто се произведуваат ќе може да се тргуваат ако го загрозуваат здравјето на нејзините граѓани. Оттаму, правењето ајвар и печењето ракија може да биде штетно, но ако станува збор за личен избор на едно семејство тоа може да биде штетно само по животната средина бидејќи вообичаено користиме друг тип на загревање како печки на дрва или други алтернативни, условно кажано, горива, кои го загадуваат воздухот повеќе. Инаку нема зошто ЕУ да се бави со нас и со регулирањето или забраната на вакви производи.
Целосното интервју слушнете го овде:
Овој материјал е подготвен од страна на Радио Канал 77 во рамките на проектот „Дезинформации – креативно замаглување на умот” поддржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.