Високите температури ги зачестија поплаките од граѓаните за безбедноста на храната, а тоа ја зголеми фреквенцијата на инспекциските контроли.
Граѓаните најчесто поднесуваат претставки за небезбедна храна која ја купиле во маркетите, но и за онаа од зелените пазари – велат од Агенцијата за храна и ветеринарство во писмениот одговор до ММС.
„Освен за храната во маркетите, граѓаните се жалат и за храната од пазарите каде освен овошје и зеленчук, во специјализирани продавници се продава и храна од животинско потекло која е лесно расиплива и може да биде потенцијална опасност за труење доколку правилно не се ракува со неа. Дел од претставките се однесуваат на послужена небезбедна храна во ресторани, ќебапчилници, специјализирани продавници за млечни производи и слично“, нагласуваат од АХВ.
Сепак, дел од претставките се однесуваат на квалитетот, а не на безбедноста на храната. Поради ова, велат од Агенцијата, некои од наводите од страна на инспекциските служби се проценуваат како неосновани.
„Има и претставки кои се основани и за секоја од нив засебно различно се постапува и се донесуваат различни мерки“, посочуваат од Агенцијата.
Соработка на АХВ и ОПМ за зголемување на јавната свест
За квалитетот на храната граѓаните поднесуваат поплаки и до Организацијата на потрошувачи. Од оваа Организација за ММС велат дека добиваат поплаки и за висината на цената на одредени прехрамбени производи, особено кога тие нагло поскапуваат.
Со цел зголемување на јавната свест, Агенцијата и ОПМ соработуваат преку заеднички кампањи со кои ги информираат граѓаните.
-Издадени се голем број информативни материјали, брошури и прирачници, кои можат да се најдат на нашата, но и на веб страницата на Агенцијата – потенцираат од Организацијата на потрошувачи.
Со оглед дека ова невладино тело нема управна моќ ниту инспекциски органи за надзор, поплаките за храната не се застапени во голем број, па така ланската година пристигнале само 28.
Статистиките говорат дека до АХВ пак, во првата половина од годинава пристигнале 90 иницијативи за вршење инспекциски надзор, а на безбедноста на храната се однесувале 50 од нив.
Од вкупниот број поднесени иницијативи од областа на безбедноста на храната, како неосновани отфрлени се 4. По поднесените и основани претставки постапуваат инспекциските служби на Агенцијата.
А на кој начин граѓаните може да поднесат не само претставки туку и предлози до Агенцијата за храна и ветеринарство?
Од оваа институција појаснуваат дека тие може да се поднесуваат писмено, усно, преку електронска алатка за поднесување на претставки и предлози на официјалната интернет страна на Агенцијата за храна и ветеринарство (електронски мејл) и преку бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 .
– Усно поднесените претставки може да се поднесат телефонски и лично и нив ги прима задолжено службено лице. Претставките поднесени во Агенцијата за храна и ветеринарство се доставуваат до Одделението за заштита на потрошувачи кое по разгледувањето се доставува до соодветниот сектор за постапување. Ако во претставката се содржани навoди по кои треба да постапува Секторот за инспекциски надзор, таа се доставува до овој сектор за постапување – додаваат од Агенцијата.
Известување од ЕУ за небезбедна храна, увезена или произведена во Македонија
Во рамките на оваа институција работи и Секторот за комуникација и проценка на ризик каде функционира Одделението за комуникација со ризик и RASSF.
Одделението за комуникација со ризик и RASSF (Систем за известување за небезбедна храна и храна за животни на ЕУ) согласно одредбите од Законот за безбедност на храната, е контакт точка со европскиот систем за брзо известување за небезбедна храна и храна за животни.
Преку апликацијата „RASFF Window“ – од RASFF системот на ЕУ, Одделението редовно добива известувања за небезбедна храна, која е увезена во земјава или е по потекло од нашата држава. По добивање на податок за небезбедна храна и храна за животни, информацијата веднаш се доставува до Секторот за инспекциски надзор кој презема мерки за повлекување на небезбедната храна од пазарот.
Ова одделение подготвува одговор, кој се доставува до Канцеларијата на ЕУ во РМ, а електронски и до ЕУ РАСФФ тимот во Брисел.
Воведен е и систем за брзо предупредување во Република Северна Македонија – МК РАСФФ систем. Целта е обезбедување брз проток на информации внатре во системот на службени контроли, како и брзо и навремено преземање на потребните контролни активности и/или мерки, за што се информира и јавноста, појаснуваат од Агенцијата за ММС.
(В. Ми)