Расцепкан и децентрализиран систем ги пројавува најголемите слабости во овој момент, неопходно е да се координираат силите за спасување и соодветно да се распоредат или искористат во моментите кога и каде е најпотребно, дециден е директорот на ЦУК Стојанче Ангелов зборувајќи во најновото издание на Стадион на Канал 77 за можните и неопходни промени и реформи во системот.
- Бројот на пожарникари во општините ни од далеку не е доволен за шумските пожари и пожарите на отворено. Одговор на овие проблеми може да даде формирањето на една мултифункционална повеќенаменска единица за заштита и спасување, која би дејствувала онаму каде тоа е неопходно. Кога би имало ваква една републичка единица, за почеток со 120 луѓе и стационирана на едно место, таа би помагала секаде каде што тоа е неопходно. Професионална единица, со млади луѓе и добро обучени и најпрво добро селектирани, нагласува Ангелов.
Истакнува дека особено значајно е и да се врши соодветна селекција на пожарникарите, затоа што како што вели постојат општини каде се ангажираат повозрасни лица кои или имаат несоодветна обука или немаат никаква.
- За жал во некои противпожарни единици селекцијата не е на завидно ниво, се примаат повозрасни луѓе кои што немаат никаква или имаат несоодветна обука. Мојот став е дека луѓето треба да стануваат пожарникари релативно млади, докај 25-26 години, вели Ангелов.
Додава дека Македонија како држава неопходно е во наредниот период да работи и на развој на доброволното пожарникарство, затоа што според него државата нема економски интерес да плаќа илјадници пожарникари кои имаат работа само во текот на летото. Стојанче Ангелов гостин во денешното издание на емисијата Стадион, целосниот разговор следете го на линкот подолу: