Платата на пилотите но и третманот кон нив е една од најголемите причини зошто Македонија останува без пилоти, младите заминуваат за да летаат во приватни компании за поголема плата и поголемо достоинство, посочи во денешното издание на емисијата Стадион, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
- Недозволливо е за институција која има авиони да остане без пилоти, затоа што директорот однапред знаел кога тие ќе заминат во пензија. Имаше проблем и со добивањето согласност за вработување, но моментот со плати е многу важен, вели Ангелов.
Истакнува дека некој треба да им објасни на функционерите од Владата дека пилотите би требало да имаат поголема плата.
- За 1000 евра или за 1200 евра да летате со глава во торба не е едноставно, затоа што ер тракторите се едни од најсложените летала за управување, исклучително ризични, се случуваат често несреќи со нив, затоа треба овие луѓе да имаат подостоинствен третман и поголема плата, нагласува Ангелов.
Додава дека уште пострашно е што во периодот на претходната Влада уништен е центарот за обука на пилоти во касарната во Петровец што дополнително ја комплицира и онака тешката состојба со пилотите во земјава.
- Кога би имале нови кадри, млади пилоти би летале од мерак и за “џабе”, за да стекнат искуство. Имаме оддлив на пилоти и од армијата и од полицијата. Луѓето заминуваат за подобри плати во приватните компании, летаат со патнички авиони и имаат достоинствен третман, затоа се надевам и верувам дека оваа Влада ќе овозможи достоинствен третман кон пилотите но и кон летачкиот персонал, истакнува директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
За тоа каква е состојбата со пожарите во моментов во Македонија, кои се најголемите предизвици за ЦУК и кои се најголемите пропусти кои доведуваат до катастрофални последици од пожарите кај нас, следете во најновото издание на емисијата Стадион на Канал 77 со директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.