Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против Д.М., полициски службеник на работно место водич на службено куче, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „убивање и мачење на животни”, по член 233 од Кривичниот законик.
-Пријавениот на 12.06.2024 година од 10.00 до 12.30 часот на подрачјето на Центар во Скопје, по завршување на работните задачи со службеното куче, согласно наредба за вршење на служба, во задниот дел од службеното возило „дачија”, во боксот за транспорт го сместил службеното куче, раса белгиски овчар, го паркирал возилото со исклучени мотор и клима, а вклучена вентилација и го напуштил возилото на час и половина. Откако се вратил назад, забележал дека кучето било во лоша здравствена состојба, по што се упатил во ветеринарна станица каде било констатирано дека кучето веќе угинало. По извршена обдукција од страна на Факултет за ветеринарство било утврдено дека причина за угинувањето на кучето е угушување, предизвикано од топлотен удар, информираат од МВР и додаваат:
-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди согласно своите надлежности и овластувања против полицискиот службеник Д.М. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска и на материјална одговорност, се вели во соопштението од МВР.