Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова вчера остварила две одделни работни средби со претставници на сметководителите од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Македонија (ИСОС) и Комора на сметководители на Македонија (CAM).
-Во рамки на средбите една од главните теми беше дека навремено поднесување на ДДВ пријавите во законскиот рок, но и точното пријавување без дополнителни исправки на пријавите, како и плаќањето на точен износ на данок во законскиот рок е заеднички предизвик и за Управата за јавни приходи и за самите сметководители односно компании, информираат денеска од УЈП.
Соговорниците се согласиле дека ова се најважните компоненти за даночниот рејтинг на една компанија и во таа насока разговарале и за предлогот на компаниите за објавување “бела листа” на даночни обврзници. За ова, директорката нагласи дека Управата за јавни приходи во следниот период ќе најде можност да го обелоденува даночниот рејтинг и да ги промовира позитивните примери за одговорно даночно однесување.
На средбите било истакнато и дека услугите на сметководителите кон нивните клиенти, во најголем дел се поврзани и зависат од процесите во Управата за јавни приходи и оти сметководителите очекуваат од УЈП да добиваат конзистентни пристапи, унифицирани пракси, навремени услуги, соработка во регулацијата на овластувањата за поднесување даночни пријави и биланси…
На состаноците биле донесени и заклучоци за формализирање на соработката меѓу УЈП и овие здруженија на сметководителите во претстојниот период.
На овој начин, велат од Управата, првенствено УЈП ќе стекне сигурност дека даночните обврзници добиваат кредибилни совети и услуги од сметководителите за точно исполнување на даночните обврски, а воедно институцијата ќе има партнер при имплементирањето на одржливи дигитални услуги според практичните потреби и можности на директните корисници.